сабота, 31 јануари 2026

Струмичани од понеделник можат да поднесуваат барања за проценка на штетата од јануарските поплави

Граѓаните кои претрпеа штети од поплавите од понеделник ќе можат да поднесуваат барања до општинската Комисија за проценка на штета , соопштија од локалната самоуправа

Објавено на

часот

Сподели

„Заради природната непогода-поплава од пороен дожд предизвикана поради излевање на реки од нивните речни корита на 26 и 27 јануари во населените места, Општина Струмица ги известува сите граѓани кои имаат штети да поднесат барање до Комисијата за проценка и утврдување на висината на штетата настаната од природни непогоди и други несреќи при Општина Струмица во период од 02.02.2026 година до 10.02.2026 година. Барањето може да се подигне од канцеларијата број 7 од просториите на Општина Струмица, а истото ќе може и да се симне преку линк објавен на општинската веб страница“, се наведува во соопштението.

Секое барање треба да биде поднесено со комплетна документација – имотен лист на име на барателот (не постар од 6 месеци), договор за закуп (доколку постои право на закуп) или решение за оставинска постапка, изјава заверена на нотар дека објектот, имотот, односно оштетеното не се осигурани во осигурителна компанија, копија од лична карта и трансакциска сметка од барателот. Оштетеното или уништеното, ако е објект, мора да е запишано во имотниот лист, ако е земјоделско земјиште мора да е запишано како нива, а ако станува збор за овоштарник да е запишано како овоштарник. Во спротивно барањето нема да се разгледува, односно нема да се изврши проценка на штета.

Обилниот дожд од 26 и 27 овој месец најмногу штети предизвика во селото Костурино, каде најдојдените води однесоа 56 овци, една коза и 120 јагниња од бачилото на Никола Колев, како и во селата Муртино и Сачево каде беа поплавени земјоделски површини и дворови.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ