петок, 8 август 2025

Струмица протестираше против загадувањето од депониите

Протестен марш се одржа вечер низ улиците на Струмица во организација на Здружението „Здрава котлина“. во знак на протест поради загадувањето од депониите.

Објавено на

часот

Сподели

„Народе, време е да ги разбудиме заспаните институции кои во скапо платен сон, бесрамно и мирно си ги префрлуваат надлежностите и задолженијата од еден на друг додека сите се труеме со запалените депонии! Во зима е истата приказна само тогаш прстот е вперен во домаќинствата, а сега во лето не се надлежни и така во круг. А истите актери горат цело време, милиони евра се трупаат на исти места, бизниси со рециклирање на метал се отвараат и фантомски функционираат, институциите се парализирани и замолчени, затоа вечерва излеговме масовно на протестен марш за здив, живот и иднина“, беше кажано на вечерашниот протестен марш во Струмица од организаторите Здружението „Здрава котлина“.

Оттаму посочија дека градоначалниците на Струмица, Василево, Босилово и Ново Село со своето молчење и неделување, додека месец и пол гори ѓубре, покажаа дека функцијата им служи само за удобност, не и за одговорност.

 

-Кога треба да се наплатуваат сметки, сите се достапни, но кога народот се труе, ги нема никаде. Ова е срамно, нечовечки и директно соучество во уништување на здравјето на граѓаните. Доста беше труење, молк и префрлање одговорност-време е за отпор!, истакнаа говорниците на протестот.

Според Ѓорги Танушев, депонијата „Шапкар“ и бројни диви депонии горат повеќе од еден месец и ги трујат граѓаните.

„Јавното обвинителство мора да ги гони сторителите и полицијата исто така. Резултати мора да има сега и ќе видиме кој откупува и кој гори кабли. Пред неколку години имаше случај кога со комбе од Кавадарци беше донесен метал за горење на депонијата и според наши сознанија таа компанија инкасирала 17 милиони евра од топење бакар“, рече Танушев.

Протестниот марш тргна од плоштадот „Гоце Делчев“, се упати кон зградата на Општина Струмица, продолжи до ОЈО Струмица, а говорниците се обратија пред поранешната зграда на „Комуналец“.

Протестот го поддржаа еколошки активисти од Прилеп, Куманово и од Гевгелија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ