Општинската прес-служба соопшти дека на средбата на која присуствувале и владини претставници, Ќура посочил дека Струга е подготвена и решителна да го заштити и зачува она што ѝ припаѓа на целата човечка цивилизација.
„Охридскиот регион, како светско културно и природно наследство, има исклучителна универзална вредност, а Струга е нераскинлив дел од таа приказна – град на традиција, култура и живот покрај езерото“, истакнал Ќура.
На средбата со претседателот на 43-та сесија на Генералната конференција на УНЕСКО, Кондкер Мохамад Талха биле истакнати јасните заложби за заштита на Охридското Езеро и струшкото крајбрежје, со фокус на одржлив развој и почитување на автентичните вредности.
Во рамки на работната посета во Париз, градоначалниците на Струга и Охрид, Менди Ќура и Кирил Пецаков, како и претставници на Владата вчера оствариле средба со Ернесто Отоне, помошник генерален директор на УНЕСКО за култура.






