„Предложените измени во Правилникот за урбанистичко планирање имаат за цел да ги поттикнат инвестициите, да ја зголемат конкуретноста преку побрзи и поефикасни постапки за урбанизација на просторот, отворање на нови работни места и побрз економски развој“, соопшти Министерството за транспорт.
Со измените во правилникот се предвидува постапките за урбанизација за изградба на супермаркети и хипермаркети со површини над 5000 m2, да се одвиваат преку Министерството за транспорт. Од причина, а имајќи предвид дека урбанизацијата за овој тип на градби на локално ниво се одвива со забавена динамика, државата со оваа измена обезбедува помош на инвеститорите преку поефикасна и побрза реализација на инвестиционите планови. Исто така, со предвидените измени се намалуваат и административните постапки кои влијаат на брзата реализација на инвестициите.
Оваа подзаконска измена има за цел да ја поттикне конкуренцијата и да ги намали инфлаторните движења во услови на силни предизвици во делот на снабдување во синџирите на исхрана. Забрзаните постапки не се само административни измени, тоа е мерка која ќе обезбеди посилна конкуренција и динамичен развој на државата.
„Сметаме дека преку овој пристап инвеститорите добиваат поголема сигурност и предвидливост во постапките. Со цел да се обезбеди целосна транспаретност и вклученост на стручната јавност во процесот на носење на измените, одржувањето на денешната стручна јавна расправа е чекор понапред во отвореноста на Министерството за транспорт за унапредување на регулативата и вклучување на сите засегнати страни. Министерството за транспорт со своите политики останува посветено на создавање на решенија кои создаваат брз економски развој и поквалитетни услови за живот за граѓаните“, се наведува во соопштението






