понеделник, 11 август 2025

Стратегија за финансиски истраги и конфискација на имот: Нема успех во борбата со организираниот криминал ако не се одземе стекнатиот имот

Националната конвенција на Европската Унија во Република Македонија (НКЕУ-МК) денеска беше домаќин на 17-та сесија на работната група 4 – Правда, слобода и безбедност (поглавје 24) на тема „Ефикасност на институционалниот одговор во Република Македонија на препораките на ЕУ за конфискација и управување со имот стекнат од криминал“, со која копретседаваа државниот секретар во Министерството за внатрешни работи, Сашо Петрушевски и директорот на Директоратот за европска интеграција при Министерството за надворешни работи, Андреј Лепавцов.

Објавено на

часот

Сподели

Петрушевски во своето обраќање се осврна на податоците на Европол за криминалните приходи од главните криминални пазари во Европската Унија, за кои рече дека достигнуваат 139 милијарди евра, што соодветствува на еден отсто од бруто домашниот приход на Унијата.

Процентот на криминалните приходи кои институциите за спроведување на законот во ЕУ успеале да го одземат од рацете на криминалците, Петрушевски рече дека останува под два отсто од годишно проценетиот приход од организираниот криминал.

Тој ја промовираше новата Стратегија за финансиски истраги и конфискација на имот за периодот 2024-2028 со акционен план, која минатиот месец беше усвоена на седница на Влада.

„Новата стратегија се базира на длабока анализа и усогласување на националното законодавство со релевантните меѓународни стандарди и реални потреби на институциите вклучени во финансиска истрага и конфискација на имот. Во подготовката на оваа стратегија се ангажирани повеќе од 10 национални институции што гарантира дека сите активности се правилно испланирани и осмислени… Со успешно спроведената конфискација на нелегално стекнатиот имот ќе покажеме колку една држава вистински е посветена во борбата против организираниот криминал и корупција. Не постои успех во сузбивањето на организираниот криминал ако од криминалците не се одземе неосновано стекнатиот имот и доколку државата со еден мултиинституционален пристап не им докаже на криминалците дека криминалот не е исплатлив, без оглед на богатството кој го создава“, дециден беше Петрушевски.

Директорот на Директоратот за европска интеграција при МНР, Лепавцов, ја посочи дигитализацијата и размената на информациите помеѓу институциите како исклучително важна. Според него, без поврзување на базите на податоци и информации помеѓу институциите и деловните банки, преку кои може да се види текот на парите „тешко дека ќе имаме значителен успех“.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ