петок, 27 март 2026

Странските инвеститори се соочуваат со недостиг на квалификувана работна сила

Недостигот на квалификувана работна сила е еден од проблемите со кои се соочуваат странските инвеститори во земјава. Анкетата „Бизнис и инвестициски индикатор 2025“ (Business & Investment Indicator 2025) покажува дека 89 проценти од странските инвеститори во земјава се соочиле со проблем да најдат соодветно квалификувани работници, а 17 проценти веќе почнале да вработуваат странски работници, иако 90 проценти од компаниите ги зголемиле платите просечно за околу 10 проценти.

Објавено на

часот

Сподели

Главната причина за недостигот на квалификувана работна сила, според Советот на странски инвеститори, е миграцијата која не е карактеристична само во земјава, туку со неа се соочуваат и држави во Европа.

„Во Пелагонискиот регион, во наредните пет години бројот на луѓе кои се меѓу 60 и 65 години ќе биде за нијанса поголем од луѓето кои се меѓу 24 и 29 години, односно бројот на луѓе кои ќе одат во пензија е поголем од бројот на оние кои би барале работа. Во Европа е уште полошо. Ова е шокантен податок, што според нас треба да биде прва тема за размислување кај нашите фактори на одлучување“, истакна Георги Тренкоски од „Кромберг и Шубер“ на денешната презентација на анкетата.

Резултатите од анкетата покажуваат дека има подобрување кај задоволството на странските компании од инфраструктурата, но проблем остануваат процесите на доделување државна помош, односно 80 проценти од компаниите се соочиле со проблеми при добивањето државна помош, а само една третина сметаат дека критериумите се разбирливи.

„ Во моментот, 57 проценти од компаниите добиваат државна помош, или се во процес на одобрување. Но, 80 проценти се соочиле со проблеми во процесот на одобрување или при исплатата на помошта, како резултат на бирократски процедури, несоодветно буџетско планирање или нешто што значи недоволни активности од страна на институциите кои се задолжени за тоа. Она што ние го предложивме и веќе активно дискутираме со Владата е дека треба да се подобрат процедурите за доделување државна помош – транспаретност, брзина и предвлидвивост во начинот на кој државната помош треба да се исплати“, рече Виктор Мизо, претседател на Советот на странски инвеститори.

Анкетата покажува дека е намалено задоволството кај странските инвеститори од „aftercare“, односно само седум проценти одговориле дека се задоволни. Најголем дел од компаниите бараат едно лице со кои би можеле да комуницираат за предизвиците со кои се соочуваат.

Анкетата е направена во период пред кризата на Блискиот Исток, па така според неа голем процент од компаниите планирале да го зголемат бројот на вработени, но станува збор за едноцифрени бројки, а 80 проценти размислувале дека годинава ќе имаат зголемен обем на работа.

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ