Хуманитарната трка за настраданите во Кочани ја организираше Делегацијата на ЕУ во Скопје и мрежата на Европска куќа во шест града низ државата, а по повод Денот на Европа. Евроамбасадорот Михалис Рокас им честиташе на најдобрите тројца на пет и 10 километри и им ги врачи медалите.
Првото место во трката на 10 километри го освои Роберто Димитриевски, втор беше Сашко Петков, а трет Јовица Ристовски. Во женска конкуренција првото место го совои Катарина Јовановска, втора беше Мери Шешо Најденовска, а третото место и припадна на Наташа Шопова.
На трката на пет километри прва беше Викторија Тодоровска, втора Елена Стојчева Андреевска, а трета Клара Блинков. Кај мажите на пет километри првото место му припадна на Сеат Климентиќ, втор беше Горан Брњарчевски, а трет Деко Марков.
„Среќен сум што победив на трката која беше напорна поради дождот, но се вклучив да ја искажам хуманоста кон своите врсници од Кочани на кои им е потребна понатамошна рехабилитација. Ние младите треба на дело да се помагаме и да дадеме поддршка кога е најпотребно. Од Велес утрово со воз дојдов во Скопје. На патеката на Средно Водно ниту обилниот и непрекинат дожд не ме спречи да дадам се’ од себе и да победам и со тоа им ја дадам својата поддршка на оние на кои им е најпотребна поддршка во нивната тешка трка за опоравување“, изјави Роберто Димитриевски.
Собраните парични средства од трката ќе бидат уплатени на сметката на Црвениот крст и оттаму ќе бидат испратени за настраданите во Кочани на кои им е неопходна рехабилитација и опоравување.