Според информации кои ги добиваме од домашните извозни компании, на косовската страна на границата се задржуваат камиони од Македонија, без соодветно образложение, предизвикувајќи економски штети и нарушување на трговската размена. Бидејќи се работи за прехранбени производи, кои мора да бидат во согласност со здравствените и безбедносни стандарди, протокот треба да биде без застој за да не се наруши континуитетот на домашните извозници, што може да предизвика и финансиски импликации.
За таа цел, за денеска ќе се реализра средба на претседателот на Стопанката комора Бранко Азески со претседателот на косовската комора Лулзим Рафуна, со цел да се најде решение и да се одблокира застојот, како би можеле камионите со македонски производи да бидат пласирани на крајната дестинација, во насока на поддршка на извозот како врвен приоритет за македонската економија.
Стопанската комора ги презема сите потребни мерки, ги информираше релевантните институции и укажа дека вакви ситуцаии предизвикуваат сериозни економски штети на македонските извозници и транспортните компании, се создаваат неоправдани бариери во трговската размена со партнер со кој имаме добри односи и суфицит во трговската размена, нарушувајќи ги притоа регионалните трговски договори и стандардите за слободно движење на стоки, информираат од Стопанската комора.