Ова вечерва го соопштија од иницијативата Стоп за Вардариште кои информираа за резултатите од попладневните разговори во МВР со министерот за внатрешни работи, градоначалниците на Аеродром и Гази Баба, претседателот на ЗЕЛС, претставници на министерствата за животна средина и труд и социјална политика, на ДСЗ и експерти.
Од Стоп за Вардариште информираа дека притисокот врз властите по 36 дена редовни протести резултираше со прекин на игнорантскиот однос и прифаќање на седумте барања во однос на Вардариште.
“Веќе нема ненадлежни за Вардариште, надлежен ќе биде министерот Панче Тошковски преку координативно тело составено од претставници на институциите на централно и локално ниво, во кое и ние ќе учествуваме и ќе бидеме будното око дали договорените мерки се спроведуваат”, рече претставник на иницијативата.
На разговорите во МВР на Стоп за Вардариште им било кажано дека во текот на утрешниот ден ќе биде обезбеден и затворен и последниот отворен пристап кон депонијата, дека ќе се започне со чистење на површинскиот отпад и дека се попишани тие околу 200 лица кои живеат на депонијата и за кои ќе се најде хумано сместување. Во однос на камерите на депонијата и можноста снимките во реално време да бидат видливи за јавноста, било кажано дека постои законска пречка поради заштита на лични податоци, но увид е можно да биде овозможен за претставник на Стоп за Вардариште како дел од координативното тело, со цел да може да се реагира доколку се случуваат нелегални активности, или не се преземаат прифатените мерки од страна на институциите. За некои од другите барања се потребни рокови кои ќе бидат утврдени.

Од Стоп за Вардариште на претставниците на институциите им било укажано дека проблемот мора итно да се решава, затоа што може да дојде до поголема катастрофа од таа од 31 август кога поради пожар воздухот беше екстремно загаден.
„Во Вардариште под наслагите отпад има метан, кој не се знае кога може да предизвика експлозија со огромни еколошки последици и евакуација на илјадници граѓани, нешто што се има случувано не само далеку од светот, туку и на Балканот”, кажале на средбата претставниците на Стоп за Вардариште.
Од иницијативата пред граѓаните вечерва кажаа дека сега можат да бидат поголеми оптимисти дека е можно Вардариште да стане минато, но и дека во наредниот период ќе бидат будни зашто “едно е речено-ветено, а друго е сторено”.
Од Стоп за Вардариште нагласија дека со секојдневните протести граѓаните покажаа дека резултати можат да се постигнат во Македонија и со непартиско и неполитичко задржување, со револт заради гушење на основните човекови права, а едно од нив е правото на чист воздух и животна средина и правото институциите да работат во интерес на граѓаните.
“Протестите се за решавање на проблемот со Вардариште, а потоа ќе продолжиме со борба и против другите загадувачи во Скопје и во земјата. Отворен е патот и за други граѓани кои ќе решат да поведат борба за решавање и на друг вид егзистенцијални прашања и проблеми, без никакви партиски и политички интереси и линкови“, истакнаа од Стоп за Вардариште.
Повозрасните граѓани вечерва им изразија благодарност на младите лица од Стоп за Вардариште за нивниот искрен ангажман за чист воздух во Скопје во интерес на сите и ги повикаа скопјани и од подалечните населби да дадат поддршка, да ги детектираат загадувачите во своите маала и да ги притиснат институциите да работат и нивните вработени чесно да си ја заработуваат платата во интерес на граѓаните и градот, а не во интерес на партиите.
Инаку, протестите беа започнати спонтано по пожарот во депонијата од 31 август, по што на 5 септември беше формирана иницијативата, а активностите се засилија по пожарот во депонијата Дрисла кога воздухот во Аеродром беше загаден и од двете депонии.






