сабота, 6 декември 2025

Стоп за Вардариште: Првата битка е добиена, вечерва славиме, од утре будно следиме (ВИДЕО)

Со шампанско вино, сокови, кифлички, грицки, колачиња, со рок музика пуштана од звучник, во еден момент и со развиорено македонско оро, граѓани на Аеродром и Гази Баба предводени од иницијативата Стоп за Вардариште вечерва на крстосницата кај Парк Авионче го прославија резултатот од 39-те секојдневни протести со блокада на сообраќајот кај мостот Близнак, го прославија успехот властите да отпочнат со работи за целосно затворање на депонијата Вардариште.

Објавено на

часот

Сподели

„Бевме истрајни и упорни во нашите барања, бевме сполтени како граѓани, повеќето не се познававме претходно, меѓу нас имаше и деца и највозрасни лица, а сите имавме иста цел, конечно да престане загадувањето на воздухот од депонијата Вардариште“, истакнаа од иницијативата.

„Најважно е дека покажавме дека без партиски влијанија и мотиви, со целосна посветеност и по студен дожд и под жешко сонце, ако желбата за успех е силна, дека нема власт која може да остане глува на граѓанските барања. Вардариште е децениски проблем на Скопје, но овојпат преку протести се издејствува властите прифаќајќи ги сите наши барања да го започне процесот на затворање на депонијата. Во контакт сме со нив, будно следиме што се случува на депонијата, оној момент кога ќе увидиме дека ветувањата за санација на просторот се изјаловуваат, ние ќе се вратиме на крстосницата со нови блокади. Покажавме дека тоа го можеме, можеби сме прва група граѓани кои во неколку наврати организиравме по две блокади во ист ден во различно време, а на иста локациа“, рече претставник на Стоп за Вардариште.

Од иницијативата упатија благодарност до полицајците кои секој ден ги обезбедуваа блокадите, а тоа го правеа, како што беше речено, професионално и со коректен и љубезен однос иако и нив не им беше лесно на улицата.

По цел месец игнорантски однос, како што беше нагласено, неделава претставници на иницијативата беа повикани од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на средба заедно со министрите за животна средина и за труд и социјална политика, како и со претставници на Дирекцијата за заштита и спасување и експерти од различни области. Од пред два дена е започнато со чистење на депонијата, затворени се сите пристапи до Вардариште, депонијата физички се обезбедува 24 часа, поставени се камери, теренот се извидува со дрон, а ќе се бара решение за околу 200 лица кои живеат на самата депонија и кои треба да се иселат и соодветно згрижат на друго место.

Блокадите започнаа два дена по 31 август поради големиот пожар на депонијата кој гореше неколку денови и екстремно го загади воздухот особено во Аеродром и Гази Баба. Иницијативата Стоп за Вардариште протестите ги организираше 39 дена во терминот од 18 до 19 часот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ