Од Стоп за Вардариште информираа дека пред состанокот биле на теренска посета на деопонијата Вардариште и утврдиле дека има помалку површински отпад, но состојбата сè уште не е целосно санирана.
„Градоначалникот на Скопје вети дека по Божик ќе се интензивира површинското чистење на Вардариште. Не беше посочен конкретен рок, бидејќи процесот зависи од згрижувањето на ранливото население, за што е надлежно Министерството за социјална политика. Според заменик-министерот, оваа постапка треба да заврши до крајот на 2026 година, а за неа веќе постои владина одлука. Во чистењето на овој слој се вклучени приватни компании, Јавното претпријатие (ЈП) Улици и патишта и Општина Гази Баба“, информираа од Стоп за Вардариште.
Оттаму додаваат дека на состанокот укажале дека при последните посети на Вардариште бил забележан само еден полицаец во цивилно возило. Градоначалникот Ѓорѓиевски пак, посочил дека обезбедувањето е во надлежност на МВР, и додал дека ЈП Комунална хигиена – Скопје врши надзор и спроведува вечерни патроли.
„По празниците ќе биде објавена тендерска постапка од Град Скопје, која ќе трае до средината на февруари 2026 година. Целосната проектна документација, вклучително и ревизија на физибилити студијата од 2014 година, треба да биде готова до крајот на мај 2026 година. Почетокот на одгаснувањето е планиран за август 2026 година, а целиот процес ќе биде отворен за медиумите и јавноста“, велат од Стоп за Вардариште.
Следната средба била закажана за февруари 2026 година, а во меѓувреме на активистите од оваа граѓанска иницијатива им било ветено дека за сите одлуки поврзани со Вардариште ќе бидат извесени.
„Како и до сега ќе продолжиме да ја следиме работата на институциите и ќе ве известиме за понатамошните случувања“, децидни се од Стоп за Вардариште.
Граѓанската инцијатива Стоп за Вардариште во септември годинава започна со протести и упати низа барања до надлежните институции за справување со последиците од депонијата Вардариште како и нејзина дислокација. По повеќе од еден месец, надлежните почнаа да преземаат конкретни чекори односно почна површинското чистење на депонијата, а воспоставени се и дежурства од страна на МВР и ЈП Комунална хигиена. Дополнително Владата се обврза да постави 24 часовен видео надзор, редовно да ја продолжува забрната за движење околу депонијата, да се затворат сите четири влеза во депонијата и до крајот на 2026 година да го заврши процесот на хумано иселување на луѓето што живеаат кај Вардариште.
За спроведување на ветувањата на почетокот на октомври 2025 година беше формирано координативно тело составено од претставници на институциите на централно и локално ниво, во кое учествуваат претставници и на иницијативата Стоп за Вардариште, а со ова тело раководи министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.






