недела, 7 декември 2025

Стоп за Вардариште денеска на разговори со Владата

На вчерашниот 35. протест за чист воздух претставници на иницијативата Стоп за Вардариште соопштија дека денеска ќе имаат разговори со претставници на неколку министерства на кои ќе ги изложат своите барања за затворање на депонијата Вардариште веднаш и за нејзино обезбедување. Вчера тие имаа средба со министерот за внатрешни работи. Со блокадите ја пробивме институционалната блокада, беше речено на синоќешниот протест во Аеродром.

Објавено на

часот

Сподели

„Вчера направивме уште еден значаен чекор напред! Одржавме две важни средби, со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и потоа со градоначалниците на Аеродром – Дејан Митески и на Гази Баба, Бобан Стефковски. Добиени се позитивни сигнали и подготвеност за соработка.
Денеска следува голема заедничка средба со претставници од повеќе институции, на Министерството за животна средина, со градоначалниците на општините Аеродром и Гази Баба, со Министерството за внатрешни работи, како и со Министерството за труд и социјална политика. Ова е силен знак дека нашите напори да донесеме вистинска промена се слушаат и носат резултати. Продолжуваме истрајно и обединето”, соопшти иницијативата Стоп за Вардариште преку социјалните мрежи.

Иницијативата бара депонијата која го загадува воздухот во Аеродром и Гази Баба да биде целосно затворена пред изборите, да биде физички обезбедувана и оградена, да се престане со одложување на отпад, да бидат поставени камери чии снимки ќе може јавноста да ги гледа, како и иселување на нелегално населените луѓе и нивно згрижување на друга локација.
Протестите започнаа по големиот пожар на Вардариште на 31 август кога воздухот во делови од Аеродром и Гази Баба неколку дена беше екстремно загаден. Протестите се одржуваат секој ден од 18 до 19 часот на крстосницата кај Парк Авионче во Аеродром, пред мостот Близнак, а полицијата ја обезбедува блокадата на сообраќајот. Во три наврати се одржаа блокади на истата крстосница и во други термини како форма на дополнителен притисок за прифаќање на барањата од страна на локалните и централните власти.

П.Џ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ