Во рамки на кампањата „Стоп за корупција“, до 25 април на граничните премини и царинските испостави ќе се делат брошури преку кои јавноста ќе може да се информира за начините за пријавување корупција, како и за штетните последици.
„Ги повикуваме сите граѓани кои ќе бидат сведоци на корупција истото да го пријават на отворената телефонска линија 197 на Царинската управа. Корупцијата ја поткопува националната безбедност и доведува до даночни загуби, при што како Царинска управа преземаме сеопфатен пристап сѐ со цел целосно сузбивање на корупцијата. Детектирани се ризични точки по кои делуваме преку зголемени контроли, но и спроведување на брзи и ефикасни истраги“, велат од управата.
Во текот на изминатите денови кампањата беше спроведена на граничните премини и царинските испостави Аеродром Св. Апостол Павле Охрид, Меџитлија, Прилеп, Богородица, Гевгелија, Дојран, Блато, Струга, Ќафасан.

Годинава Државната комисија за спречување на корупцијата во извештајот за 2024 година ја рангираше Царинската упарава на високото петто место од вкупно 72 институции во спроведување на политики за интегритет, при што особено се забележани подобрувањата во делот на идентификуваните точки на ризици од корупција, како и преземени конкретни чекори за спречување судир на интереси меѓу кои и изречени дисциплински, но и откази за царински службеници кои постапувале спротивно на законите.






