недела, 7 декември 2025

Стоматолошката комора реагира: Се почитува судот, но претседателот останува легитимен

„Точно е дека постои пресуда на Управниот суд со која се поништува верификацијата на мандатите на делегатите на сегашниот состав во Комората“, соопштија денес од Стоматолошката комора на Македонија.

Објавено на

часот

Сподели

Оттаму велат дека пресудата ја добиле денеска и дека, според неа, Комората, односно Верификационата комисија, треба повторно да одлучува следејќи ги напатствијата на судот.

„Стоматолошката комора веднаш ќе ги започне сите законски предвидени дејствија, почитувајќи ја пресудата на судот“, велат од Комората.

Од таму реагираат и на дел од колегите кои, како што посочуваат, се обидуваат незаконски да ја преземат Комората.

„Загрижените колеги би требало сериозно да размислат за нивните постапки, затоа што на овој начин, претендирајќи на незаконско преземање на Комората, можно е да се отвори ‘Пандорината кутија’, што може да доведе до несогледливо штетни правни последици по комплетниот стоматолошки систем. За ова е известена и Владата“, појаснуваат од Комората.

Во однос на наводите за „нелегитимност на претседателот“, од Комората појаснуваат дека, согласно Статутот, досегашниот претседател ја врши функцијата најмногу една година или до избор на нов.

„Во конкретниот случај, кога сегашниот и претходниот претседател е исто лице, легитимноста на д-р Денковски сѐ уште не е спорна“, велат од Стоматолошката комора.

Од таму потврдуваат и дека е покрената постапка против вработената Ф.К., поради можни сериозни повреди во работењето по одземањето на јавното овластување на Комората.

„Покрената е постапка согласно Законот за работни односи и донесена е одлука за нејзино суспендирање од работното место до конечно утврдување на наводите. Ќе се формира комисија што ќе го разгледа случајот, по што ќе донесе одлука и ќе го извести министерот за здравство“, додаваат од Комората.

„За сите останати прашања, Комората е отворена и ќе продолжи да излегува во пресрет на јавноста, штитејќи ги интересите на стоматолозите“, стои во изјавата од Стоматолошката комора на Македонија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ