Исто така на покана на Светскиот водач на Бектешите, Баба Монди (Едмонд Брахимај), Стојмировска го посети Светскиот центар на бектешкиот ред, што се наоѓа во Тирана, каде го честиташе големиот исламски празник, Рамазан Бајрам, на верниците од бектешката заедница.
„Стојмировска ја поздрави ваквата иницијатива на поглаварите на верските заедници со која ја приближуваат нивната традиција и култура до дипломатскиот кор во Тирана, потенцирајќи дека суштинското разбирање на религиската разноликост во Албанија е важен елемент при службувањето на акредитираните дипломати“, објави Македонската амбасада.

Во објавата се додава дека албанското општество со децении негува култура на меѓусебно почитување, каде различните верски заедници – муслимани, православни, католици и бектеши – живеат во дух на толеранција и солидарност.
„Овој модел на соживот често се посочува како пример во регионот, особено во време кога меѓурелигиското разбирање има суштинско значење за зачувување на мирот. Во тој дух, Амбасадата упатува честитки по повод празникот Рамазан Бајрам до сите верници и им посакува мир, љубов и благосостојба на сите семејства кои празнуваат денес“, посакува Амбасадата.
А, претседателот на единствената партија на Македонците во Албанија, Македонска aлијанса за eвропска интеграција (МАЕИ), Васил Стерјовски, денеска беше во посета на муфтиството на Корча, пренесувајќи му ги честитките по повод Рамазан Бајрам на муфтијата Ледиан Цикалеши, со желби за здравје, радост и среќа.
Од име на Македонците вам и на сите верници во посакувам честит Рамазан Бајрам. Нека овој свет ден донесе мир, благосостојба и хармонија во секое семејство што го слави. Нека надвладее духот на солидарност и разбирање, делејќи ја радоста со оние на кои им е најпотребна, посакал Стерјовски.
Додал дека толеранцијата и меѓурелигискиот соживот се вредности што нè обединуваат и нè збогатуваат како општество.
-Ова посебно време е убава можност за сите нас да размислуваме и да ги потврдиме вредностите на хармонијата, толеранцијата и духовниот напредок. Рамазан Бајрам симболизира период на размислување и радост, време кога суштината на мирот и среќата се споделува меѓу сите. Се надеваме дека овие денови дополнително ќе ги зајакнат врските на заедницата, разбирањето и заедничката хуманост, стои во посебната честитка од МАЕИ до верниците.
Цврсто сме убедени, се нагласува, дека пораката на овој голем празник го зајакнува нашето верување дека, преку нашите колективни напори, можеме ефективно да одговориме на предизвиците на современиот свет.
„Во оваа посебна пригода, исто така, изразуваме надеж дека ќе продолжиме заедно да ги славиме празниците на различните верски заедници. Овие прослави не се само празнични прилики, туку се темелни столбови за градење и одржување на хармоничен соживот меѓу сите. Нека овој Рамазан Бајрам донесе повеќе единство, мир и просперитет за сите“, посакува Стерјовски во честитката на МАЕИ по повод Рамазан Бајрам.

Празникот го честиташе и Македонското друштво „Илинден“-Тирана наведувајќи дека „Ваквите големи празници не потсетуваат дека без разлика на потешкотиите кои ни се издигнуваат како животни препреки, секогаш треба да чекориме по вистинскиот пат”.
„Помеѓу луѓето постојано да владее слога и почитување без разлика на религиската, верската, или каква било друга определба“, пишува во честитката потпишана од Никола Ѓурѓај, претседател на Македонско друштво „Илинден“-Тирана.






