петок, 13 март 2026

Стојанче доби обвинение дека по долгогодишно насилство ја навел Ивана да скокне од балкон со детето во раце

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против едно лице на кое му се ставаат на товар три кривични дела поврзани со долгогодишно семејно насилство и трагичниот настан во кој животот го загуби Ивана Јовановска. Обвинение е покренато против Стојанче Јовановски, кој се товари дека со долгогодишно психичко и физичко насилство ја навел жртвата на самоубиство.

Објавено на

часот

Сподели

Како што информираат од обвинителството, обвинетиот се товари за кривични дела телесна повреда сторена како продолжено дело при семејно насилство, загрозување на сигурноста, како и за наведување на самоубиство и помагање во самоубиство, согласно одредбите од Кривичниот законик.

Според обвинението, на 2 март на повеќе локации во Скопје обвинетиот физички ја нападнал својата сопруга, удирајќи ја со шлаканици и тупаници, при што ѝ нанел телесни повреди и во еден момент таа ја изгубила свеста. Истиот ден, на паркинг зад Основниот кривичен суд Скопје, ѝ упатил и сериозни закани по нејзиниот живот и тело, со што кај неа предизвикал чувство на страв, несигурност и загрозеност.

Од Обвинителството наведуваат дека според обезбедените докази, обвинетиот подолг временски период сурово и нечовечно постапувал кон оштетената, која била во положба на фактичка и егзистенцијална зависност од него. Поради ваквото однесување, трагичниот исход што се случил на 2 март, според обвинението, може да се доведе во врска со неговото постапување.

Истрагата покажала дека во ноември 2022 година обвинетиот ја убедил Ивана Јовановска со договор за дар да му го отстапи својот идеален дел од станот во кој живееле заедно со нивната малолетна ќерка. Иако било предвидено таа и детето да продолжат да живеат во станот, по стекнувањето на сопственоста, обвинетиот започнал со психичко и физичко малтретирање, кое со текот на времето се засилило.

Во текот на 2025 година, според обвинението, малтретирањето прераснало во сурово и нечовечко постапување. Обвинетиот често ја тепал и ја понижувал во нивниот дом, во присуство на нивната малолетна ќерка, но и на јавни места и пред сведоци. Воедно ѝ се заканувал дека ќе ја избрка од домот и дека ќе ѝ го одземе детето.

На критичниот ден, по нов бран на психичко и физичко насилство на повеќе локации, жената се вратила во станот заедно со детето со намера да се спакува и да замине. Таа побарала да се качи сама со ќерката во станот, но обвинетиот инсистирал да тргне со неа, при што продолжил со закани и навреди. По интервенција на сведок, обвинетиот бил оттурнат и се симнал пред зградата за да ја почека.

Според обвинението, долгото малтретирање ја довело жената во состојба на тешка психичка вознемиреност, страв и безизлезност, по што се случил трагичниот настан во кој таа си го одзеде животот скокајќи од балкон со детето во раце.

Јавниот обвинител до судот доставил и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за осомничениот, поради опасност од бегство и можност да продолжи со насилнички кривични дела.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ