среда, 25 март 2026

Стоилковиќ за обвинувањата на ДУИ: Обидот постапката да се прикаже како меѓуетничко или политичко прашање е целосно неоснован

Обвинувањата изнесени од Демократска унија за интеграција (ДУИ) се неосновани и не ја одразуваат фактичката состојба, имајќи предвид дека Министерството за односи меѓу заедниците постапува исклучиво согласно Уставот, законите и подзаконските акти, почитувајќи ги принципите на законитост, еднаквост и недискриминација, велат од кабниетот на вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ.

Објавено на

часот

Сподели

Во реакција на денешното соопштение на ДУИ посочуваат дека не станува збор за дискриминација, ниту за селективно или политички мотивирано постапување, туку за законски донесени акти за престанок на работен однос на административни службеници, поради утврдено кршење на работниот ред, дисциплина и нарушување на угледот на Министерството, во согласност со важечките законски и подзаконски прописи.

„Министерството постапува исклучиво согласно Уставот на РС Македонија, Законот за организација и работа на органите на државната управа, Законот за административни службеници, Законот за вработените во јавниот сектор, Законот за работни односи, Етичкиот кодекс на Министерството за односи меѓу заедниците, како и другите релевантни прописи, почитувајќи ги принципите на еднаквост, недискриминација, законитост и правична застапеност. Обидот постапката да се прикаже како меѓуетничко или политичко прашање е целосно неоснован и претставува обид за груба манипулација со јавноста, што не придонесува за заштита на меѓуетничките односи, туку напротив, создава непотребни тензии и ја нарушува довербата во институциите“, велат од кабинетот на вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците.

Претходно од ДУИ реагираа дека последната одлука на министерот Стоилковиќ за отпуштање на петмина вработени Албанци во Министерството за односи меѓу заедниците отвора сериозни прашања за начинот на управување со институциите и за стандардите на владеење на правото во државата.

„Фактите укажуваат на јасни елементи на спорен процес, и во процедурна и во материјална смисла, дисциплинската постапка е спроведена надвор од законските рокови, што ја прави правно невалидна. Одлуката е донесена без доволни докази и без утврдување на индивидуална одговорност. Постојат сериозни индиции за накнадно конструирање на аргументи и оправдувања за веќе донесена одлука. Изречената мерка, престанок на работниот однос, е несразмерна во однос на наводите. Овие се индикатори на еден опасен модел на одлучување“, реагираа од ДУИ.

Од партијата сметаат дека кога еден министер носи одлуки, „без почитување на законските рокови, без цврсти докази, и со сериозни последици за граѓаните“, тогаш станува збор за арбитрарност.

„Фактот што се работи за петмина вработени Албанци ја прави оваа состојба уште почувствителна и бара целосна транспарентност. Во министерство чија мисија се односите меѓу заедниците, секоја ваква постапка мора да биде над секое сомневање за пристрасност“, велат од ДУИ и бараат: целосно објавување на сите постапки и одлуки што довеле до овие отпуштања, институционална истрага за почитувањето на законските процедури во овој случај, итно преиспитување на одлуките, во согласност со законот и стандардите на јавната администрација.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ