Стоилковиќ укажа дека регионот долго време беше заглавен помеѓу политички сенки и економски бариери и дека денес појасно гледаме дека иднината лежи во функционалната интеграција – каде што границите не се пречки, туку премини кон заедничка корист.
„Регионалната соработка повеќе не треба да се гледа како алтернатива на европската интеграција – туку како нејзин природен темел. Платформите како што се Берлински процес, Отворен Балкан и Регионалниот совет за соработка покажуваат дека постои волја, но потребни се и институционални механизми, заеднички инвестиции и координирани политики.
За нас сообраќајот, особено на железничката инфраструктура, го гледаме како стратешки ресурс. Определени сме за активна работа на модернизацијата, што ќе значи и дигитализација на коридорот 10 – кој не само што ја поврзува нашата земја со Грција, па преку Србија со Унгарија до ЕУ, туку претставува и дел од Трансевропската транспортна мрежа. Со поддршка од ЕУ и ЕИБ, сакаме да изградиме инфраструктура која ќе биде интероперабилна, енергетски ефикасна и безбедна – во согласност со европските стандарди. Веруваме дека со заедничко планирање и прекугранични инвестиции можеме да го забрзаме процесот на економска конвергенција во регионот“, рече Стоилковиќ.

Според него, на интеграцијата во ЕУ не треба да се гледа исклучиво како политичка цел, туку како платформа за институционален напредок. Во Македонија, рече вицепремиерот, сме фокусирани на реформи кои носат конкретни резултати.
„Усвоивме стратегија за дигитализација 2030, лидери сме во реализација на планот за раст на ЕУ, ги унапредуваме капацитетите на јавната администрација, транспарентно управуваме со јавните инвестиции и ја унапредуваме на регулаторната рамка за инвестиции. Во таа визија, ја гледаме Европската инвестициска банка како стратешки партнер – не само финансиски, туку и експертски, со фокус на квалитет и долгорочна одржливост. Западен Балкан не е само ‘на прагот’ на Европа, тој е дел од европското семејство – историски, културно и економски. Но за тоа да стане и политичка реалност, потребно ни е партнерство, искрено партнерство за иднината која ќе дојде како резултат на нашата искрена посветеност и работа, а не како резултат на национално понижување. Мора да изградиме регион во кој младите ќе остануваат затоа што имаат можности, регион во кој инвеститорите вложуваат затоа што имаат предвидливост и регион кој ќе стане позитивен пример како соработката може да ги надмине поделбите“, заклучи Стоилковиќ во своето обраќање на Самитот „Западен Балкан 2030“.






