Летовите од Истанбул – Охрид ќе се реализираат четири пати седмично и тоа во понеделник, четврток, петок и недела. Турската авикомпанија за оваа линија ќе користи авиони „Ербас А321“, „Боинг 737-800“ и „Боинг 737-900“ од својата флота.
Според надлежните, оваа нова линија ќе значи многу за развојот на туризмот, но и за развој на економијата.
Првите патници од Истанбул на охридскиот аеродром беа пречекани од премиерот Христијан Мицкоски, вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски,, главниот извршен директор на „ТАВ Аеродроми“, Серкан Каптан, главниот извршен директор на „Туркиш ерлајнс“, Билал Екси и турскиот амбасадор, Фатих Улусој,
Во поздравниот говор, премиерот Мицкоски нагласи дека развојот на нови авиолинии не е само техничко прашање, туку стратешка инвестиција во иднината на нашата економија, туризам и меѓународната соработка.
„Нашата држава, со својата стратешка локација на Балканот, има потенцијал да стане значаен центар за воздушен сообраќај, затоа нашата Влада активно работи на оведување нови авиолинии – преку партнерства со реномирани авиокомпании како „Туркиш Ерлајнс“, обезбедуваме директни летови до клучните европски и светски дестинации. Радотиме и на поттикнување на нискобуџетни превозници – ова ќе овозможи подостапни билети за нашите граѓани и ќе привлече повеќе туристи и инвеститори. Исто така вложуваве и во модернизација на аеродромите – подобрувањето на капацитетите и услугите во аеродромите во Скопје и Охрид ќе создаде услови за зголемен број летови. Со сето тоа правиме промоција на нашата земја како авиотранспортен центар – работиме на меѓународни договори и иницијативи кои ќе ја зголемат атрактивноста на нашата земја за деловни и туристички патувања“, истакна Мицкоски.
Според премиерот, воведувањето нови авиолинии значи побрзо и полесно поврзување со светот, зголемување на туризмот, нови економски можности и унапредување на имиџот на нашата држава.
„Нашата земја има огромен туристички потенцијал. Од живописните планини, прекрасните езера и богатото културно наследство, до топлината и гостопримството на нашите граѓани – сето ова ја прави Македонија атрактивна дестинација за домашни и странски посетители. Затоа, нашата Влада активно работи на креирање политики и мерки што ќе го поттикнат туристичкиот сектор. Инвестираме во патишта, аеродроми и железнички врски, за да ја направиме нашата земја подостапна за туристите. Работиме и на промоција на Македонија како туристичка дестинација како и поддршка за малите и средни туристички бизниси. Нашата цел е јасна – да ја направиме Македонија не само дестинација за посета, туку и место во кое туристите ќе се враќаат повторно и повторно.Денешниот чекор е само почеток. Веруваме дека со заеднички напори ќе создадеме посилна, подостапна и глобално поврзана Македонија“, порача Мискоски при пречекот на првите туристи од новата авиолинија Истанбул – Охрид. .