вторник, 20 јануари 2026
Интервју

Стевчо Ристески, А1 Македонија: И во ерата на ВИ човекот останува во центарот

Дигитализацијата, вештачката интелигенција (ВИ), сајбер безбедноста и квалификуваниот кадар се темелите на новата економија. Дигиталната економија денес расте неколку пати побрзо од традиционалната, а проценките се дека во следните години може да достигне и до 25% од глобалниот БДП. Во исто време, половина од клучните работни вештини ќе се променат или ќе станат застарени до 2030 година, што наметнува потреба од брза адаптација и континуирано учење.

 

Објавено на

часот

Сподели

На овие теми разговараме со Стевчо Ристески, директор за бизнис и ICT продажба во А1 Македонија, за тоа каде се наоѓа Македонија во дигиталната трансформација и што е клучно за побрз, побезбеден и поодржлив развој.

Ако над 70% од компаниите во светот во 2024 веќе интегрирале ВИ во барем една бизнис функција, јасно е дека растат и барањата кон дигиталната инфраструктура. Кога А1 инвестира во клауд решенија, дата центри, сајбер безбедност и ВИ обуки – што значи тоа во пракса за организацијата одвнатре, а што за корисниците и бизнис-заедницата?

-Како телекомуникациски оператор и дел од телеком индустријата, А1 Македонија на некој начин е предводник на новите технологии. Постојано инвестираме во мрежата, во клауд-центри, и во решенија базирани на вештачка интелигенција. Колку побрзо се инвестира, толку поголеми се и бенефитите. Преку интеграции и конкретни препораки, на крајните корисници им носиме поголема ефикасност, побрзи процеси и подобро корисничко искуство.

Во време кога реално недостигаат подготвени кадри за новите технологии, клучна придобивка е тоа што нашите вработени директно работат со овие решенија и можат брзо да се обучуваат. Така отвораме можност и за бизнис-корисниците, да пристапат до дел од технологиите со помали инвестиции, да ги споделиме нашите искуства од имплементацијата и тие решенија да ги примениме и кај нив. Така, заедно го градиме човечкиот капитал, кој е клучен и за развојот на компаниите и за развојот на државата.

На крајот, три работи се пресудни за побрза имплементација: подобро корисничко искуство, заеднички инвестиции и развивање на човечкиот капитал.

Од Вашето искуство, каде најмногу ‘пука’ системот кога компаниите се обидуваат да се дигитализираат? Сајбер безбедност, промена на процеси, недостаток кадар или отпор кон промени?

-Тука би издвоил две перспективи: перспективата на А1 и перспективата на пазарот. Од аспект на А1, нашето работење е многу динамично, промените се случуваат секојдневно и ние мора брзо да се прилагодуваме. Најголемиот предизвик на македонскиот пазар е спремноста на компаниите да ги прифатат дигиталните промени. Иако дигитализацијата започна поинтензивно уште пред ковид-пандемијата, а за време на короната стана експоненцијална, тоа не беше доволно проследено со инвестиции во сајбер безбедност. Сајбер безбедноста мора да биде основа ако сакаме побрз технолошки развој и дигитална економија.

Втора важна компонента е инфраструктурата. Македонија има солидна мобилна и фиксна инфраструктура, споредлива со соседните земји, а како оператори вложуваме сериозни инвестиции. Но проблем е што дел од компаниите сè уште не го препознаваат реалното ниво на услуги и вложувања што се потребни за да користат напредни дигитални технологии.

Третиот клучен фактор е едукацијата на пазарот и на вработените. Факт е дека над 80% од безбедносните инциденти се резултат на човечка грешка, што значи дека инвестициите во знаење и развој на луѓето се подеднакво важни како и технолошките решенија.

Без дигитализирани процеси и имплементирани технологии, компаниите не можат да бидат конкурентни, не само локално, туку и на европските и светските пазари.

Телекомите од класични оператори стануваат платформи за податоци, безбедност и ВИ услуги. Дали во иднина ќе бидат и ВИ-компании и каде води ова во следните 3–5 години?

-Како индустрија секогаш сме меѓу првите што ги прифаќаат и имплементираат новите технологии. Вештачка интелигенција користиме за оптимизација на мрежата и потрошувачката на енергија, во корисничка поддршка, и секаде каде што може да се зголеми ефикасноста на процесите со ВИ алатки.

Но една тема што постојано се наметнува е влијанието врз работните места. Тука сум јасен: човекот ќе остане во центарот. На пример, во сајбер безбедноста користиме напредни ВИ алатки, но ВИ користи и злонамерната страна во нападите. Разликата ја прави човекот – знаењето и начинот на кој ги користи алатките.

Нашата порака е дека ВИ е алатка што го подигнува човечкиот потенцијал, отвора нови можности и создава уште повеќе простор за работа и развој.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ