сабота, 24 јануари 2026
Интервју

Стефковски за на работа во Гази Баба нема службен автомобил, вели ѓубре по улиците уште има, но со време проблемот ќе се реши

Бобан Стефковски е актуелен градоначалник на Гази Баба, кој ја доби довербата на граѓаните со втор мандат од ноември 2025 година. На оваа функција е од 2021 година, а извојува победа и на последните локални избори, минатата година.

Објавено на

часот

Сподели

Во интервју за МКД.мк тој отворено ги признава сите проблеми, но и е горд со успешните проекти во текот на неговото работење. Со старо-новиот градоначалник на општина Гази Баба зборуваме за ѓубрето што останува на улиците, а за кое тој признава дека за овој проблем има подобрување, но целосно не е решен, за уличните кучиња, дивоградбите, депониите, за руинираниот објект Ранка Милановиќ… Стефковски не користи службен автомобил ниту во првиот мандат, ниту сега, а вели дека е горд со она што го сработил, но има уште многу пред себе.

Добивте втор мандат и доверба од граѓаните, а со тоа и многу поголема обврска да застанете на нивна страна. Поминаа локалните избори, а во општина Гази Баба во делови ѓубрето се собира два пати неделно, на пример во Маџари, во Ченто, во Автокоманда, а во други делови како Јурумлери, Трубарево, и во тој дел останува на улица по неколку недели. Зошто е оваа поделба и што е причината кога сите плаќаат и треба да добијат исто? И соработувате ли со Град Скопје, сте прошетале ли низ општината да видите колку се преполни кантите со ѓубре, иако беше ветено дека оваа слика нема да се повтори?

Стефковски: Проблемот со собирањето на комуналниот смет од улиците не е едноставен и неговото решавање бара време. Она на што сме сведоци сите е дека има подобрување во функционирањето на ЈП Комунална хигиена, но целосно не е решен проблемот. Она што го знам од разговорите со градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, е дека посветено се работи на наоѓање трајно решение, а дел од решението е веќе утврдено со набавката на нови камиони за јавното претпријатие. Да заклучам, поделба нема. Одредено доцнење на собирањето на комуналниот смет има, но состојбата од пред локалните избори и состојбата денес е значително подобрена. Граѓаните на локалните избори ја дадоа својата поддршка за решавање на проблемите и тоа го правиме.

Проблеми во општина Гази Баба често има со уличното осветлување. Каде може граѓаните да пријават за да не одат во темница?

Стефковски: Надлежноста за управувањето со јавното осветлување ја има ЈКП Гази Баба. Граѓаните за секој проблем поврзан со уличното осветлување имаат можност да пријават на телефонската линија 075239918. За секоја пријава, екипа на ЈКП Гази Баба постапува во рок од 24 часа.

Депонијата кај Вардар, помеѓу патот што ги поврзува Долно Лисиче и Јурумлери, е горлив проблем со децении и никако да се реши. Точно ли е дека општината, наместо да чисти, е таа што тука складира отпад и дали конечно имате план за решение на овој проблем, бидејќи едната страна од мостот ѝ припаѓа на вашата општина? До кого е, до вас или до жителите?

Стефковски: Општина Гази Баба во изминатите повеќе од четири години, преку ЈКП Гази Баба, има исчистено повеќе од 150 диви депонии од нашата територија, вклучувајќи ја и оваа депонија, која во неколку наврати беше чистена. Обвинувањата дека општината диво депонира отпад беа дел од предизборниот фолклор на опозицијата, која во недостиг од програма како понуда кон граѓаните нудеше лажни вести и деструкција, кои завршија со пораз од 11.000 гласа разлика. Општина Гази Баба преку ЈКП Гази Баба има склучено договор за депонирање отпад во депонијата Дрисла и таму секојдневно се носи собраниот отпад, за што постојат и кантарни белешки. Јас често преку медиумите апелирам до граѓаните да не депонираат отпад на јавни површини. Општината создаде систем на поставување контејнери за кабаст отпад по два пати месечно во секое населено место и таму граѓаните можат бесплатно да го одложат целиот отпад од домаќинствата, но за жал сѐ уште има несовесни граѓани што диво депонираат отпад на јавни површини и тука постапува Секторот за инспекциски работи согласно со Законот за јавна чистота.

Има многу улични кучиња, а граѓаните се жалат дека ги кршат автомобилите од дупки, па во некои случаи и ја тужат општината. Колку вакви тужби имате за оштетени автомобили, а колку за граѓани каснати од улични кучиња, и кои се вашите планови во овој дел?

Стефковски: Општината нема добиено тужба ниту за автомобили, ниту за каснување од кучиња. Изминатиот период инвестиравме многу во подобрувањето на патната инфраструктура, не велам дека сѐ е направено, но направивме многу. Ќе продолжиме и во следниот период да асфалтираме и реконструираме голем број локални улици насекаде низ општината. Што се однесува до бездомните миленици, општината нема надлежност за справување со нив, но морам да истакнам дека бевме една од првите општини што воведоа субвенции за кастрација на домашни миленици.

Ранка Милановиќ е објект што го грди изгледот на општината, но во исто време е и место во кое се кријат многу тажни човечки судбини. Во него гледаме сиромаштија, беда, но и неспроведување мерки на еден систем во кој влегуваат и ингеренциите на општина Гази Баба. Таму има деца што не одат на училиште, а и бездомници. Често има пожари и кражби бидејќи тие на овој начин се топлат и преживуваат. Општината има ли план за ова место?

Стефковски: Проблемот со објектот Ранка Милановиќ ми е добро познат и во минатото во неколку наврати, како локална самоуправа, делувавме на терен со цел чистење на локацијата и околината. Решавањето на овој проблем е во две етапи. Прво, Министерството за социјална политика, демографија и млади, согласно со своите надлежности, треба да ги отсели легално и нелегално вселените семејства од овој објект. Кога велам легално, таму има семејства што се сместени со решение од поранешната министерка Мила Царовска. Второ, откако ќе се иселат овие лица, општината има поднесено барање за добивање трајно користење на овој објект од страна на Владата, по што ќе пристапиме кон негово рушење и оградување на просторот. Друго решение за овој проблем би било импровизација.

Во општина Гази Баба никнаа многу згради и уште се гради. На Вашиот фејсбук-профил многу често се објавени видеа дека се рушат незаконски изградени објекти, но од друга страна се градат згради во средина што пред години беше полна со зеленило. Сметате дека Гази Баба е преизградена и избетонирана или дозволите за градби ги издавате во рамките на дозволеното?

Стефковски: Општина Гази Баба пред моето доаѓање за градоначалник, народски кажано, беше „село без кучиња“, односно секој правеше што сакаше. На изборите во 2021 година ветив враќање на редот во општината и тоа се случи. Изминатите повеќе од четири години имаме урнато повеќе десетици дивоградби. И веднаш сакам да кажам, да знаете дека тој процес воопшто не е лесен. За секоја дивоградба има закани и притисоци. Но ние не потклекнуваме, туку делуваме. Компромис со законот ниту сум правел, ниту ќе правам и тоа сум го докажал во минатото. Секој граѓанин мора да го почитува законот, без разлика на етничката, верската или каква било друга припадност. Објектите што се урнати во минатото се доказ за нашата неселективност, урнати се објекти изградени од Македонци, Албанци, Роми и други. Почитувањето на законот не познава ниту вероисповед, ниту нација – или ќе го почитуваш, или ќе се соочиш со последиците од непочитувањето. Не сметам дека општината е преизградена, се водиме од хумана урбанизација, не градење по секоја цена. Деталните урбанистички планови се носат транспарентно, низ дијалог со граѓаните и невладиниот сектор, и така ќе продолжиме да работиме и во иднина. Јас сум човек што му служи на народот, а не на урбаната мафија.

Што е во Вашиот фокус во вториот мандат кога станува збор за инфраструктурата, образованието и локалниот економски развој?

Стефковски: Вториот мандат ќе бидат историски најуспешните четири години за општина Гази Баба, тоа го тврдам. Ќе пуштиме во употреба четири нови детски градинки, а ќе започнеме со изградба и на најмалку една нова. Ќе го пуштиме во употреба Домот на културата „11 Октомври“ во Ченто, новото основно училиште „Крсте Мисирков“, нови спортски сали во Железара и Црешево, ќе изградиме канализација во Јурумлери, Идризово, Чукур Маало, Гоце Делчев, а ќе започнеме со изградба и во горниот дел на општината – Булачани, Раштак и Виниче. Нема да има неасфалтирана локална улица и многу други проекти. Нѐ очекуваат четири години историски развој.

А службено возило користите ли?

Стефковски: Не, службено возило досега немам користено, обврските ги реализирам со своето приватно возило. Ниту пак во изминатите години имам користено средства за репрезентација од буџетот на општината и таа ставка, откако сум јас градоначалник, е нула денари во буџетот.

Има ли секаде во општината, особено во руралните делови, чиста вода за пиење и фекална канализација?

Стефковски: На ова поле во првиот мандат направивме многу. Го решивме проблемот со водоснабдувањето во Раштак, Брњарци и Булачани. Изградивме фекална канализација во населените места Смилковци, Црешево, Страчинци и најголем дел од населените места Јурумлери, Чукур Маало и Гоце Делчев. Во периодот пред нас комплетно ќе ја завршиме изградбата во Јурумлери, Чукур Маало и Гоце Делчев, а паралелно започнуваме со изградба и во Идризово.

Кои се идните планови за општина Гази Баба и со кои проекти од претходниот мандат се гордеете?

Стефковски: Горд сум со секој еден проект што го реализиравме или го започнавме со градба. Имаме уште многу работа и нови проекти што значително ќе го подобрат животот на граѓаните на општина Гази Баба. Оваа година општината одбележува 50 години од своето постоење, што е значаен јубилеј, кој ќе го одбележиме достоинствено, како што прилега за една од најголемите скопски општини. Гази Баба има иднина, граѓаните знаат дека можат да ми веруваат, бидејќи стојам зад дадениот збор, тоа многупати во минатото го имам докажано на дело. Ќе работиме одговорно, чесно и посветено во интерес на нашиот народ.

Катерина Додевска 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ