Дописничката на МИА додека беше во опожарениот дел на планината Готен со заменик директорот на ЈП „Национални шуми“, Кире Михаилов го забележа чешкиот хеликоптер, кој од денеска помага во справување со огнената стихија, која веќе трае две недели и ја пустоши шумата во општините Василево, Радовиш и Берово.
Заменик директорот на ЈП „Национални шуми“, Михаилов за МИА вели дека по неколкудневната битка со огнот за да се спасат радовишките села Подареш, Јаргулица и Покрајчево, огнената стихија на планината Готен, од страната на Радовиш, е ставена под контрола. Поради стабилизирање на состојбата намалени се човечките ресурси, но на терен остануваат пинцгауери, хермелини и бтр-те кои со својата моќност ќе ја чуват планината од огнот повторно да не се распламти.
„На линијата на територијата на Радовиш и денеска имаме припадници на АРМ. Припадниците на ЕБР доцна синоќа ги ослободивме. Екипажите на специјализираните возила ни се тука. Дел од тие возила ни се употребени онаму каде треба, а останатите се подготвени да се приклучат доколку има потреба од нив. Сликата денес во однос што беше вчера утро е различна, односно 00 на нула“, вели Михаилов.
Во моментов се интевенира на оние места каде што се појавува чад. Патроли има постојано низ планината. По вчерашната битка со огнот над селата Јаргулица, Злеово и Покрајчиево затекнавме страотна глетка на планината Готен. Јагленосани дрва, пеплосана вегетација, изгорен дивеч. Огнената стихија остави пустош зад себе. Штетите и опожарените површини допрва ќе се анализираат и утврдуваат.
Освен на овие планини сè уште се активни пожарите на територијата на Прилеп и Кавадарци, додека под контрола се ставени пожарите на планините Серта и Плачковица.






