Темелно се обновени пет објекти, нова енергетски ефикасна фасада, нова кровна конструкција, заменети се вратите и прозорците и обезбедена е пристапност за лица со посебни потреби во двата главни објекта. Во училиштето има над 1000 ученици и 150 наставници.
По повод завршувањето на реконструкцијата, училишниот центар денес го посетија министерката за образование и наука Весна Јаневска, заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, евроамбасадорот Михалис Рокас и градоначалникот на Тетово, Биљал Касами.
Министерката Јаневска рече дека оваа крупна инфраструктурна инвестиција во образованието, всушност е реализирана и е една од обврските на државата предвидени во Реформската агенда. До крајот на 2027 година треба да се основаат осум регионални центри, од кои седум се веќе основани, а три од нив се целосно реконструирани.

„Сите стари објекти на кои верувам тетовци и минатите генерации се сеќаваат во каква форма беа, сега се трансформирани во модерни простории, одлично се опремени со училишна, информатичка и електромеханичка опрема и нивото на квалитет на воспитно – образовниот процес е значително подигнато. Очекувам училиштето да продолжи да создава уште подобро подготвени и потребни стручни кадри кои ќе се вклучуваат во општествените процеси, во индустријата и економијата“, рече Јаневска.
Градоначалникот на Тетово, Билал Касами со оценака дека овој центар сега е еден од најмодерните во државата.
„Ве замолувам од денеска да не се идентификува ова како земјоделско училиште, туку веќе станува еден од најважните и најразвиените регионални центри за професионално образование во државата. И така го промовираме пред нашите деца затоа што ова е една од ретките можности за нашите деца да се подготвуваат од професионален аспект во средно професионално училиште, за кога ќе завршат да можат да бидат подготвени за пазарот на труд“, рече Касами.

Евроамбасадорот Михалис Рокас рече дека нема подобро вложени средства од тие во образованието. Тој посочи дека Европската Унија е исклучително горда што имаше прилика да работи на овој регионален центар.
„Оваа е инвестиција во земјата и во нејзиниот одржлив раст и во нејзиниот развој. Ова е добар пример за тоа како јавните средства и средствата од ЕУ може да се искористат за да се трансформира училиште коешто било пред распаѓање и тоа да прерасне во еден ваков регионален центар“, рече Рокас.
Премиерот Христијан Мицкоски рече дека оние коишто ќе го стекнуваат своето знаење тука се генерациите на кои ќе се потпира оваа држава.
„Тоа се генерациите коишто треба да ја развиваат земјата, а ние како Влада ќе продолжиме да поддржуваме ваков тип на проекти и ќе сториме сè што е во нашата моќ ваков тип на проекти да бидат наше секојдневие“, посочи Мицкоски.

Премиерот потсети дека ова е второ средно училиште во Тетово коешто е реконструирано и реновирано. Заедно со Општина Тетово, Владата гради уште две нови средни училишта.
Во рамки на ова државно училиште се реализира образовен процес во повеќе струки – машинство; електротехника; угостителство и туризам; земјоделство, рибарство и ветеринарство; и сообраќај, транспорт и складирање.






