понеделник, 15 декември 2025
Отворено писмо

„Станот го плативме, а сè уште не постоиме“, ново писмо открива шема со станови во Скопје

Се зголемува бројот на поплаки од оштетени граѓани од страна на градежни компании поврзани со инвеститорите Оливер Павловски и Ален Матх. По отвореното писмо на сопственици на станови од улицата „Козара“ бр.21 во скопската населба Капиштец, до редакцијата пристигна реакција и од Заедницата на станари на ул. „Мишко Михајловски“ бр.22, кои велат дека нивната голгота е речиси идентична – и по повеќе од четири години живеат во зграда без технички прием, со низа градбени пропусти, нерешен имотноправен статус и сомнежи за злоупотреби од страна на истите инвеститори.

Објавено на

часот

Сподели

Во продолжение го пренесуваме нивното отворено писмо во целост:

„Ние, Заедницата на станари на ул. Мишко Михајловски бр. 22, со податоци за објект евидентиран како: КП 663/2 Кисела Вода со лист за прибележување 58726 КО Кисела Вода и одобрение за градење според УП бр.13-380 со правосилност од 29.11.2018 год., ви се обраќаме до вас, почитувани медиуми, како би го дополниле излагањето на сопствениците на купени станови во изградба на ул. Козара бр. 21, Капиштец, Скопје.

Одлуката за обелоденување на нашиот проблем е поттикната со објавата на станарите кои, според споменатите информации, имаат купено станови од лица кои соработуваат со нашиот инвеститор Еко Проект Градба, управуван од лицето Оливер Павловски.

Воедно, господинот Оливер Павловски е сопственик на фирмата Еко Проект Градба, која е претставувана од неговата сопруга Катерина Павловска (потписник на преддоговорите како управител), заедно со сопругата на споменатиот инвеститор во случајот на сопствениците од ул. Козара бр. 21, Ален Матх, г-ѓа Лика Матх. Фирмата првобитно беше регистрирана на ул. Китка 43, населба Драчево, па откако на истата адреса сега е регистрирана новата фирма „Нов Дом Инвест“ ДОО Скопје, со која се измамени станарите на ул. Козара, ја префрла Еко Проект Градба ДОО Скопје на адресата на нашата зграда – ул. Мишко Михајловски бр. 22.

Канцелариите на Еко Проект Градба се во зградата на Мишко Михајловски бр. 22 и своите работни обврски ги извршуваат оттаму, често со доаѓање и на лица од останатите фирми со кои соработува. Читајќи ги исказите на тие сопственици, целосно се поклопуваат со нашата приказна и голгота помината во текот на овие изминати години. Станбениот објект се градеше долго и се уште се води како во градба, иако повеќе од четири години живееме во зграда без извршен технички прием. Периодот пред влез во становите беше период на бескрајни лаги кажувани токму од наведеното лице Ален Матх, како и сите инволвирани вработени од двете градежни фирми.

Зградата се градеше без потребен број на изведувачи, често затворена со катанец, со изговори идентични на оние што ги посочуваат другите сопственици. По вселувањето се соочивме со проблеми: протекување, неисправни инсталации, поплави, влага. За време на градбата, спротивно на проектот, почнаа да доградуваат уште два спрата, кои беа сопрени. Наместо кров имаме импровизиран лим кој протекува.

Имаме сознанија дека овие лица земаат парцели за градба во различни општини, регистрираат нови фирми и постапката секогаш е иста: доцнење, лош квалитет, незавршеност.

Во нашата зграда, од добивање на одобрение до денес поминаа речиси седум години. Имплементирани се евтини материјали, од различни добавувачи. Зградата изгледа како стара неколку децении, иако е новоградба. Внатрешно – различни врати, плочки, звона, сè како што им дошло. Лифтот не е според првичниот план.

Имаме проблем кој не дозволува да добиеме имотни листови – нема поднесено документација за измените во текот на градбата (нови два спрата, промена на влез на лифт, нема пристап за инвалиди). Без мислење од ИЗИИС и одобрение од општина, не може да продолжи постапката.

Ние, сопствениците на станови купени од Еко Проект Градба, бараме од вас медиумите надоврзување на веќе објавената сторија за ул. Козара бр. 21, бидејќи се работи за исти лица. Сакаме јавноста да се заштити од градежната мафија и да се спречат идни измами“.
Како што претходно објавивме зградата на улицата „Козара“ бр.21 во центарот на Скопје требаше да биде готова во мај 2023 година, а инвеститорот „Нов Дом Инвест“ вели дека нема доволно работна сила. И покрај тоа, паралелно со парите на купувачите од Козара 21, фирмата отпочнала изградба на нови објекти во Дебар Маало.

Сопствениците се сомневаат дека нивните уплати се пренасочени за изградба на други објекти и дека намерно се одолговлекува со цел тие да се откажат, да им бидат вратени парите по стара цена, а становите да се продадат по актуелна, значително повисока вредност.

„По сите наши реакции од страна на инвеститорот добиваме само изговори и лажни ветувања. Последното беше дека зградата ќе биде готова во јули оваа година, а веќе сме август“, велат тие.

Купувачите бараат итна реакција од институциите, санкции за инвеститорите и измена на регулативата за подобра заштита на граѓаните од манипулации во градежниот сектор.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ