На денешното рочиште, вештакот одговараше на прашањата на одбраната на обвинетата онколог Симонида Црвенков, a вчера на прашања од одбраната на Нино Васев, која тврдеше дека вештачењето било направено без целосна медицинска документација и без почитување на македонските национални упатства за онколошки третман. Радосављевиќ одговори дека анализирал документација за 16 пациенти и дека кај повеќето забележал неправилно лекување и влошување на здравствената состојба, непочитување на редоследот на терапии, недостиг на клучни медицински податоци, како ЕКОГ статус, молекуларна патологија, токсичност и систематски КТ – наоди.
Тој потенцираше дека сегашните стандарди во онкологијата бараат редовно следење на пациентите, што во доставената документација често недостигало. Во однос на меѓународните водичи (ЕСМО/ЕЦЦ), рече дека тие навистина даваат препораки, но во анализата забележал недоследности токму во однос на препорачаните линии на лекување.
Случајот се наоѓа во доказна постапка и го води судијката Снежана Марковска, а застапник на обвинението е јавната обвинителка Марија Ѓорѓева од ОЈО Скопје, откако обвинителката Ана Гоговска-Јакимовска минатата недела беше избрана во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.
Поранешниот директор на Клиниката за онкологија, Нино Васев, и уште двајца онколози – Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски, вработени на Клиниката за радиотерапија и онкологија – Скопје, се обвинети за несовесно лекување пациенти.
Постапката почна против уште еден онколог, второобвинетата Мери Пешевска, која призна вина и судот ја осуди на две години условна казна затвор.
Обвинението ги товари лекарите за продолжени тешки дела против здравјето на луѓето и несовесно лекување, при што кај вкупно 47 пациенти биле применети неподобни терапии, со отстапувања во дозирањето и без соодветна процена на здравствената состојба. Покрај ова, против Васев и поранешниот економски директор на Клиниката е поднесено уште едно обвинение за злоупотреба на службената положба и за проневера, со штета од над 2,2 милијарди денари на државниот буџет.
МИА






