Според пријавата од Инфомакс, вчера доцна вечерта додека во живо одел поткастот „Тешки муабети“, непознато лице упаднало во редакцијата кршејќи неколку врати, се заканувало и се обидело физички да се пресмета со новинарите.
„Лицето најпрво почна да навредува, да се заканува по живот за потоа да ја скрши вратата од дворот која е со шифра, а потоа ја скрши и влезната врата од студиотo каде се обиде физички да се пресмета со присутните“, објави Инфомакс.
Според уредникот на Инфомакс, Александар Митовски била повикана полиција, а против напаѓачот ќе биде поднесена кривична пријава за напад врз службено лице.
Како што објави Министерството за внатрешни работи, напаѓачот бил лишен од слобода и против него ќе биде поднесена пријава по брза постапка.
Напад врз новинари и медиумски работници, како и попречување на нивната работа за известување на јавноста потпаѓа под член 382 од Кривичниот законик – Спречување службено лице во вршење службено дејствие. За дела кои ги опфаќа овој член предвидени се казни до три години затвор.
ССНМ предупредува дека ваквите напади претставуваат не само опасност за физичката безбедност на новинарите и медиумските работници, туку претставуваат и напад врз јавниот интерес и слободата на говор и на изразување кои се столбови на демократските општества.
„Ги повикуваме институциите ефикасно и брзо да реагираат и во понатамошниот дел од постапката, бидејќи неказнивоста на вакви дела против слободата на медиумите претставува охрабрување на понатамошни напади и создава небезбедна атмосфера за работа на новинарите и медиумските работници“, реагираат од ССНМ.






