Реакцијата на Обвинителството, се посочува, следува откако во јавноста се отворија легитимни прашања по неизборот на обвинителката која го водеше процесот против полицајците за случајот „Пулс“, односно дали оваа промена може да се одрази врз текот и времетраењето на постапката.
„Наместо прецизно да укаже на евентуални конкретни пропусти во известувањето, ОЈО со денешното јавно соопштение генерално предупредува дека шпекулациите и невистините поврзани со предметите за кочанската трагедија можат да предизвикаат дополнителна вознемиреност кај семејствата на жртвите и кај јавноста. Сметаме дека ваквиот повик, може негативно да се протолкува во јавноста, особено ако не е јасно наведено на кои конкретни случаи на неетичко или непрофесионално известување се однесува. Во таков контекст, пораката може да остави впечаток на обид да се стишаат критичките гласови и да се ограничи јавната дебата за прашања од висок јавен интерес“, наведуваат од ССНМ и ЗНМ.
Ова денеска, како што информираат, тие го посочиле и во директна комуникација со претставници на обвинителството, со цел да се надминат можните недоразбирања што произлегуваат од содржината на нивното соопштение.
„Професионалното и етичко известување е обврска на медиумите и новинарите, додека новинарските организации имаат улога да ги промовираат стандардите, да укажуваат на нивното значење и да реагираат кога тие се прекршуваат. Но, тие не можат и не треба да бидат ставени во позиција да „гарантираат“ за секоја објава или уредувачка одлука. Потсетуваме дека во случаи кога постои сомнеж за неетичко и непрофесионално известување, веќе постојат механизми за постапување, меѓу кои се претставките до Советот на честа при ЗНМ и до Советот за етика во медиумите во Македонија“, пишува во реакцијата на ССНМ и ЗНМ.






