Од ССНМ и „Еднаква“ посочуваат дека на денот кога се одбележува посветеноста на жените во сите сфери на општеството, се нагласува и улогата на жените во медиумите, со акцент на потребата од родова еднаквост, која, како што велат, сè уште е актуелна.
Новинарките и сите работнички во медиумската индустрија во Македонија се приклучуваат на кампањата на Меѓународната федерација на новинари под мотото „Тие сепак известуваат, не можете да ги замолчите“, со која на колешките им се порачува дека нивната улога е клучна. Како што се наведува, низ целиот свет, па и во земјава, жените во медиумите одбиваат да бидат замолчени и продолжуваат одговорно да известуваат за вистината и во јавен интерес.
Од ССНМ и „Еднаква“ истакнуваат дека на овој ден застануваат во заштита на жените кои работат во медиумската индустрија – новинарки, снимателки, монтажерки, лекторки и други медиумски работнички – кои, и покрај заканите, притисоците, навредите и заплашувањата, продолжуваат да ја информираат јавноста.
ССНМ, „Еднаква“ и Меѓународната федерација на новинари бараат правда за сите нивни колешки кои биле цел на притисоци, закани, навреди и напади само затоа што ја извршувале својата работа. Според нив, новинарките имаат значајна улога во борбата против неказнивоста, повикувањето на одговорност на властите и во создавањето целосно отворено и информирано општество.
Во соопштението се посочува и дека во услови на сè поголемо насилство врз жените, кои често остануваат без институционална заштита, ССНМ и „Еднаква“ ги повикуваат своите членки и поддржувачки да се приклучат на Осмомартовскиот протест што ќе се одржи во Скопје, во Парк Жена-борец, со почеток во 12 часот.






