„Аргументите за оваа одлука се повеќе од видливи, особено во медиумската индустрија, која во последните години доживува континуиран пад на висината на приходите на ангажираните медиумски работници, како и на условите за работа, што во продолжение се рефлектира и врз целокупните општествени процеси во Македонија.
Според анкетата на ССНМ и Институтот РЕСИС, објавена во 2024 година, повеќе од половина од членовите на медиумската заедница заработуваат помалку од просечната месечна плата во земјата, а последните податоци говорат и дека голема е бројката (безмалку една третина) на новинари, камермани, креативни дизајнери, монтажери и други, кои од работодавачите се држат на минималната плата. Со оглед на тоа дека повеќето од вработените во медиумскиот сектор се директно поврзани со оваа категорија, ССНМ бара итно зголемување на минималната плата“, се вели во соопштението на ССНМ.
Како најголема еснафска медиумска организација во Македонија, ССНМ смета дека оваа позиција на ниско ниво на минималната плата е недозволиво, дека законски предвиденото зголемување е недоволно и дека со подигнување на сумата повеќето од нејзините членови ќе дојдат до повисоки примања и делумно ќе го анулираат инфлацискиот шок што се случува во земјата.
„ССНМ уште пред шест месеци го соопшти својот став за зголемување на минималната плата и тој во целост кореспондира со барањата на поголемите синдикати, а во оваа пригода одново се приклучува на барањата за кои сметаме дека се и повеќе од легитимни.
ССНМ смета дека барањето за зголемување на минималната плата не само што е потребно за медиумските професионалци и нивната егзистенција туку е и неопходно и од големо значење за самите граѓани, на кои им се потребни професионални и навремени информации, кои се зависни од економско-социјалната стабилност на новинарите и медиумските работници“, порачуваат од ССНМ во најавата за придружување на утрешниот протест што го организира ССМ.






