„Вчера истече рокот којшто илјадници работници им го дадоа на пратениците во Собранието да направат брзи измени на Законот за минимална плата, со кои минималната плата ќе се зголеми на 600 евра, а останатите плати ќе се зголемат за разликата од зголемувањето на минималната плата, односно најмалку за 6.000 денари. Игнорантскиот однос што го покажуваат пратениците кон работниците предизвика да преминеме на втората фаза од активностите што ги спроведуваме за зголемување на работничките плати“, изјави денеска претседателот на ССМ Слободан Трендафилов.
Утре во 11 часот, ССМ ќе достави и иницијатива до Собранието за измени и дополнувања на Законот за плата и други надоместоци на пратениците и на другите избрани и именувани лица.
„Со оваа иницијатива го менуваме членот со кој е утврдена основицата за пресметка на платите, така што наместо досегашната просечна плата како основица за пресметка по коефициент на сложеност, основица ќе биде минималната плата по коефициент на сложеност. На овој начин, им даваме можност да покажат дека нема да овозможат дополнително зголемување на инфлацијата во Македонија и дека се подготвени да ги намалат своите плати за 40 проценти само со измена на оваа законска одредба, а дополнително да ги намалат и коефициентите за сложеност за 40 проценти“, рече Трендафилов.
Доколку не го направат тоа, ССМ почнува иницијатива за собирање на 10.000 потписи за да стане овластен предлагач на вакви законски измени.
Дваесет и четиричасовниот генерален штрајк останува опција, а не се исклучува можноста и за организирање на уште еден протест како оној што се одржа минатата среда.
Во однос на тоа да се тргне делот за плати од Општиот колективен договор, од ССМ велат дека нема да дозволат работниците да се откажат од еднаш стекнато право загарантирано со Устав и закон.
„Да се откаже работник од стекнато право гарантирано со Устав и закон е спротивно на Законот за работни односи, кој јасно предвидува дека ниту еден работник нема право да се откаже од право утврдено со закон или колективен договор“, рече Трендафилов.
Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши денеска уште еднаш повтори дека Владата ќе го поддржи секој предлог што ќе биде заеднички прифатен и од синдикатите и од работодавачите во однос на минималната плата. Треба да има зголемување и на минималната и на другите плати, но тоа мора да биде постепено, со сигурност и во стабилна економска рамка.
„В четврток имаме состанок со синдикатите од УПОЗ, идните денови ќе има и седница на Економско-социјалниот совет (ЕСС), на која, најверојатно, ќе бидат присутни и синдикатите и рабодотавачите. Ако предлогот биде прифатен од сите фактори, односно од сите членови на ЕСС, ние како Влада и Министерство сме таму да ги поддржиме. Нашиот став во рамките на ЕСС сме го кажале од почеток – ако се договорат синдикатите и работодавачите, ние сме таму да им излеземе во пресрет на двете страни. Ние ја гледаме целата слика, ја имаме предвид сликата на сите граѓани – и на вработените во јавниот сектор и на вработените во приватниот сектор. Сме го кажале ставот и стоиме на тоа – да има зголемување на минималната и на другите плати во јавниот сектор, но тоа да биде постепено, со сигурност, да има стабилна економска рамка“, потенцира Дурмиши одговорајќи на новинарски прашања по настанот во Владата на кој беше презентиран Законот за работно ангажирање лица.
Министерот повтори дека Владата веќе ги зголеми платите во јавниот сектор.
„Ги зголемивме платите уште првата година во здравството, образованието, полицијата, пензиите… Ние со вработените во јавниот сектор имаме договор преку трипартитниот дијалог и речиси 85 проценти веќе се решени. Останаа уште 7.700 вработени, но и со нив предложивме да седнеме, да се договориме, да им излеземе во пресрет“, истакна Дурмиши.
Тој информира и дека не е донесена одлука за зголемување на платите на функционерите.
„Ќе видиме каква е ситуацијата откога овој месец ќе излезат податоците од Државниот завод за статистика и соодветно ќе постапиме. Лани донесовме одлука со која ги ограничивме платитите на функционерите, односно предвидовме да се зголемуваат како и платите на сите други вработени во јавниот и приватниот сектор. Овој месец ќе излезат податоците од Државниот завод за статистика од кои ќе видиме каква е ситуацијата и соодветно ќе постапиме. Стоиме на тој став дека нема да донесеме одлука со која ќе се зголемат платите на функционерите. Минималната плата ќе биде нивелирана или зголемена во март за 7 или 8 отсто, што значи дека во 2028 година ќе имаме зголемување за 40-ина проценти. Значи, да излезат податоците и ќе донесеме одлука – како што постапивме лани така ќе постапиме и оваа година“, истакна Дурмиши.






