На две локации околу Собранието, едната на улицата „Даме Груев“ и другата на „11 Октомври“, имаше по 21 работник, кои со знамиња и свирежи го изразија своето незадоволство барајќи од пратениците минималната плата веднаш да се зголеми на 600 евра, а останатите плати да се зголемат за најмалку 6.000 денари или за разликата од зголемувањето на минималната плата (од сегашната минимална плата и новата минимална плата).

Работниците кои стоеја на улиците, и покрај студеното време, испратија порака до пратениците дека тие се оние кои го блокираат законот за зголемување на минималната плата повеќе од една година и кои не сакаат да ја прифатат иницијативата на ССМ за намалување на функционерските плати.

Најавите од работниците се дека блокадите и протестите ќе продолжат сè додека не се исполнат нивните барања.

„Добро утро на сите, освен на пратениците“. Со оваа порака до народните избраници, претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов го најави почетокот на блокадите на пристапите до паркингот на Собранието.

Причината за работничкиот револт е веќе добро познат: ниските плати во државава, поради што ССМ бара минималната плата да биде 600 евра, а сите други да се зголемат за 6.000 денари, колку што би била разликата од сегашната до посакуваната минимална плата.
Фото: Роберт Атанасовски






