„Утре е добра можност Владата да покаже дека се грижи за работниците, а пратениците пред распишување на локалните избори да донесат брзи законски измени и да утврдат минимална плата од 500 евра“, порача претседателот на ССМ Слободан Трендафилов.
Како што рече Трендафилов, синдикалната минимална кошничка што ја пресметува ССМ лани е зголемена за 6.500 денари, а оваа година само делот за храна и пијалаци од завршувањето на последната мерка пораснала за 2.000 денари или за 150 евра се зголемени трошоците за живот за едно четиричлено домаќинство.
Според него, не држат веќе изговорите на Владата дека работниците и работодавците треба да седнат и да се договорат за зголемување на минималната плата.
Повикувајќи се на Евростат, Трендафилов нагласи дека 55,7 отсто од работниците и граѓаните во земјава не можат да си дозволат годишен одмор ниту седум дена во бунгалов во Дојран и тоа, рече, треба да ги загрижи креаторите на политиките.
Минималната плата од 400 евра во Македонија, рече Трендафилов, е пониска од онаа во Србија, Црна Гора, БИХ, Словенија и Хрватска.
„Владите во регионот им даваат поддршка на работниците, тоа треба да го направи и Владата во Македонија“, порача Трендафилов.

Во контекст на бруто и нето просечната плата, премиерот Христијан Мицкоски денеска, одговарајќи на новинарско прашање изјави дека тие пораснале повеќе од 11 проценти и тоа е доволен доказ дека од опозицијата се креираат невистини.
Според Мицкоски, сепак и тоа не е доволно, просечната плата треба да биде уште поголема и во таа насока, посочи Мицкоски, ние како Влада продолжуваме да работиме.
„Сакам да кажам дека просечната плата треба да биде уште поголема и во таа насока ние како Влада продолжуваме да работиме. Но, самиот факт што и бруто и нето просечната плата растат повеќе од 11 проценти, е демант за сите оние, би рекол некрофили во рамките на опозицијата, кои во изминатиот период континуирано конструираа и лиферуваа лаги во јавноста дека платите не растеле, дека платите стагнирале итн. Овие податоци што сега стигаат се доволен доказ дека тие што освен тоа што не говорат вистина, туку шпекулираат, конструираат и креираат невистини и ништо не можат да сработат. Токму затоа таква е состојбата во опозицијата и токму затоа народот ја изгуби довербата во нив, изјави премиерот Мицкоски за време на денешната посета на Студентскиот дом „Кузман Јосифовски – Питу“ во Скопје.
Премиерот најави работа за уште повисоки примања на работниците.
„Ние како Влада продолжуваме да работиме за уште повисоки примања на работниците, затоа што нашата цел е да го испорачаме тоа што граѓаните од нас го очекуваат“, нагласи Мицкоски.






