„Вашите плати, сега зголемени за 79 отсто, не ги заслужувате и затоа дојдовме тука поради фактот што вие не одлучувате за нас, ние ќе одлучиме за вас. Почитувани работници, да донесеме одлука пратениците да бидат на минимална плата до наредното зголемување на минималната плата“, рече претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.
Седницата продолжува пред Стопанската комора на Македонија, а треба да заврши пред Владата.
На почетокот, пред Работничкиот дом во Скопје, работниците со едноминутно молчење им одадоа почит на загинатите во трагедијата во Кочани.
Претходно, денеска во изјава за медиумите, министерот за економија и труд Бесар Дурмиши рече дека одлуката за зголемување на минималната плата од 1.800 денари е донесена согласно законот.
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче денеска на прес-конференција во одговор на новинарско прашање рече дека СДСМ ги поддржува барањата на работниците за минимална плата, но не стои зад протестите на синдикатите.
Тој апелираше до Владата да излезе во пресрет на барањата на работниците.
„Апелирам Владата да излезе во пресрет на барањата на работниците, платите се ниски, цените се надвор од контрола, луѓето едноставно не можат да преживеат. Рационално и реално е барањето минималната плата да биде 30.000 денари. Има како да се воспостави, точно е дека има методологија, меѓутоа секогаш со политичка интервенција може и законот да се смени со цел да се излезе во пресрет на барањата“, рече Филипче.
Тој потсети на амандманите и предлог-законите на СДСМ за зголемување на минималната плата, за зголемување на платите во јавниот сектор, понатаму предлог-законот за зголемување на платите во приватниот сектор, преку системот на ослободување од дополнителните давачки на платите, со цел работодавачите од приватниот сектор да се растеретат.
„Сите овие се предлог-закони, од кои ниту еден не беше прифатен од власта“, посочи тој.
Во однос на анкетите за локалните избори, рече дека тие ќе се поместат, поради трагедијата што се случи во Кочани.
“Почетокот на анкетите го одложивме. Тие ќе започнат следната недела, а ги одложивме поради трагедијата што се случи во Кочани. Имајќи го тоа предвид можно е идентификувањето на кандидатите да биде во април или мај, да задоцниме една или две недели. Сè уште немаме разговори со други политички партии надвор од нашата коалиција, а овие денови почнаа некои разговори со нашите коалициски партнери“, рече Филипче.