Од ССКЦ велат дека земајќи предвид дека во програмата на Владата планирано е да ја реформира здравствената мрежа во Македонија и да ги обедини клиничките центри и регионалните болници, да ја модернизира инфраструктурата, да спојува различни здравствени установи и да создаде поефикасна и достапна здравствена мрежа, сметаат дека секое кадровско распоредување и реорганизација мора да се темели врз реални потреби, систематизации и долгорочна национална стратегија за развој на здравствениот систем, но откако ќе се направи интеграција на клиниките од кампусот „Мајка Тереза“ па согласно потребите и систематизираните места да се направат кадровско распоредување и реорганизација.
„ССКЦ исто така ја потенцира потребата од заштита на јавниот здравствен систем. Не смее да се дозволи приватното здравство да го „откупува“ професионалниот здравствен кадар, со што се ослабува јавниот сектор, во кој државата значајно вложува преку образование и обука на кадарот. Преземањето на стручни лица од страна на приватните болници ја загрозува стабилноста и квалитетот на јавното здравство и создава непотребна криза во системот кој е од корист за сите граѓани. ССКЦ се залага за ефикасни мерки кои ќе спречат вакви злоупотреби, заштита на јавниот кадар и одржување на високите стандарди на здравствените услуги во јавните установи“, се наведува во реакцијата на ССКЦ.
Самостојниот синдикат на клинички центар (ССКЦ) ја изразува и својата „сериозна загриженост поради долгогодишното и неоправдано одложување на потпишувањето на анекс-договорот за јавните установи (ЈУ) од областа на здравството за потребите на јавните здравствени установи универзитетски клиники, завод и ургентен центар Скопје (ЈУЗР)“.
„Иако преговорите траат подолг временски период, а анексот претставува документ од суштинско значење за подобрување на статусот, мотивацијата и правната сигурност на вработените, неговото конечно усвојување и натаму се пролонгира. Ова се случува без конкретно образложение и без преземање институционална одговорност. Вработените во јавните здравствени установи континуирано укажуваат дека ваквото одлагање создава правна и економска несигурност, демотивација и нарушување на професионалната стабилност. ССКЦ нагласува дека токму овие вработени секојдневно обезбедуваат квалитетна и есенцијална поддршка и услуги за сите здравствени установи, често во отежнати услови. Затоа, тие заслужуваат навремено, фер и транспарентно постапување од надлежните институции“, велат од ССКЦ.
Оттаму ги повикуваат Министерството за здравство, Министерството за финансии и Генералниот секретаријат на Владата итно „да го деблокираат процесот и да дадат согласност за потпишување на анекс-договорот“.
„Ова е неопходно со цел да се обезбеди статусна, правна и финансиска сигурност за сите вработени опфатени со овој процес. ССКЦ останува отворен за конструктивен дијалог и соработка, но нема да прифати понатамошно одложување или занемарување на законските права на вработените. Доколку институциите продолжат да ги игнорираат своите обврски, синдикатот ќе биде принуден да ги активира сите законски дозволени форми на синдикални активности. ССКЦ останува доследен на својата мисија да ги заштити правата, достоинството и професионалниот интегритет на сите вработени во здравствениот систем. Заедно, организирано и одговорно – ќе продолжиме да се бориме за достоинствени услови, стабилност и заслужено вреднување на трудот во здравството“, велат од Самостојниот синдикат на вработените во универзитетските клиники, центри, клинички болници и други јавни здравствени установи-ССКЦ.






