Како што соопшти МНРиНТ, на средбите, министерот Муцунски ја нагласил важноста на парламентарната соработка и улогата на народните претставници во продлабочувањето на односите меѓу двете држави. Тој истакнал дека парламентарната дипломатија претставува значајно дополнување на класичната дипломатија, особено во промовирањето на дијалог и градењето стабилни партнерства.
„Фокусот на дискусиите беше ставен и на можностите за понатамошно унапредување на соработката меѓу литванските и македонските пратеници – како на билатерално ниво, така и во рамките на европските парламентарни форуми – со цел продолжена и силна поддршка на процесот на проширување на Европската Унија“, стои во соопштението на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.

Муцунски претпладнево имаше средба со својот домаќин, министерот за надворешни работи Кештутис Будрис. Двајцата министри изразија задоволство што посетата се реализира во годината кога двете држави одбележуваат 30 години дипломатски односи. Притоа, тие ја нагласија подготвеноста за унапредување на партнерството и соработката во повеќе области од заемен интерес.
Разговорите опфатија низа теми, меѓу кои билатералната соработка, координацијата во рамките на мултилатералните организации и партнерството во НАТО. Посебен акцент беше ставен на европските интеграции, при што беше нагласена потребата од заеднички и засилен ангажман за забрзување на процесот, особено во светло на претстојното литванско претседавање со Советот на ЕУ.
Муцунски ја изрази благодарноста за континуираната поддршка од Литванија, како и за солидарноста и помошта што државата ја доби по пожарот во Кочани.
Министрите разговараа и за актуелните безбедносни прашања, вклучително состојбата во Украина и предизвиците поврзани со европската безбедност и стабилност во регионот, се вели во соопштението од МНРиНТ.






