На средбата, како што објави Мицкоски на Фејсбук, била истакната важноста од одржување на стабилноста и продлабочување на партнерството меѓу двете земји во интерес на нашите граѓани.
Албанскиот претседател Бајрам Бегај, кој од вчера престојува во официјална посета на земјава денеска беше пречекан и од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
Исто така, и претседателот на Собранието, Африм Гаши денеска оствари средба со претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај.

Претседателот Гаши изразил задоволство од средбата и истакнал дека очекува пријателството и соработката што постои меѓу две земји во иднина уште повеќе да се зајакнува и унапредува. На меѓународен план, како што посочуваат од собраниската прес-служба, двете држави имаат исти цели и интереси а тоа е членството во Европската Унија, меѓусебна поддршка како непосредни соседи и сојузници во НАТО и да ја продлабочуваат регионалната соработка.
Тој изразил очекување и надеж дека двете држави заеднички ќе го продолжат својот пат кон европската интеграција затоа што тоа е многу важно не само за Македонија и Албанија, туку и за останатите земји од регионот од Западниот Балкан. Во функција на промоција на парламентарната дипломатија и градење на билатерални парламентарни односи, претседателот Гаши истакнал дека одржува редовни контакти со колегите од парламентот на Албанија и дека посетите на највисоко парламентарно ниво се одржуваат скоро секоја година.
Претседателот Бегај истакнал дека Република Македонија и Албанија се две пријателски земји кои делат исти вредности, визии и предизвици и се пример за соработка во регионот. Потенцирал дека е подобрена соработка во многу сфери од заеднички интерес што е во функција на подобрување на животниот стандард на граѓаните во двете држави. Посочил дека останува определбата за уште поголема соработка особено во економската сфера.
Двајцата соговорници ја потенцирале важноста и улогата на Македонците и Албанците кои што живеат во двете земји и претставуваат мост на градење на стабилни и пријателски односи. Посочиле дека патничкото, енергетското и железничкото поврзување меѓу двете земји во рамките на коридорот 8 ќе придонесе за уште поголема размена на луѓе, стоки и услуги за кои постои огромен потенцијал.
Албанскиот претседател Бајрам Бегај се потпиша во книгата на впечатоци и се обрати пред пратениците во Собранието.






