вторник, 3 јуни 2025

Средба на заменик-министерот Ристески со менаџментот на „Лидл“, почната е изградбата на маркетите

Заменик министерот за економија Марјан Ристески денеска одржа состанок со претставници на менаџментот на реномираната германска компанија „Лидл“, на која се дискутираше за новите инвестиции на трговскиот ланец во нашата земја.

Објавено на

часот

Сподели

Делегацијата од „Лидл“ беше составена од Милена Драгиска-Денчева, главен извршен директор на „Лидл“ – Бугарија, Рубријан Хаџиев, главен оперативен директор на „Лидл“ за Македонија и Теодора Хаџи-Димова Танаскоска, директорка за човечки ресурси во „Лидл“ – Македонија.

На состанокот со заменик министерот Ристески дискутираа за текот на работите на терен и динамиката на реализација на нивната стратегијата за експанзија, согласно која се планира отворање на маркети од светскиот бренд во сите градови со одржлива демографска и економска моќ. Во моментов покрај изградбата на маркети во повеќе локации низ државата, главна инвестиција на германскиот гигант е изградбата на логистичкиот центар во индустриската зона во Куманово, кој ќе служи како центар за снабдување на синџирот маркети.

Паралелно со изградбата, компанијата е во процес на воспоставување на соработка со голем број на македонски компании, а дел од нивните производи веќе можат да се најдат во продавниците на „Лидл“ во државите од регионот.

Ристески потенцираше дека Владата и министерството за економија и труд се партнер на сите инвеститори и дека стои на располагање за надминување на сите прашања и евентуални потешкотии со кои би се соочиле во текот на нивните активности. Тој изрази надеж за што е можно побрзо отворање на маркетите со што на македонскиот пазар би имале производи со европски стандарди и цени прифатливи за нашите граѓаните, како и за што е можно поголема застапеност на домашни производи во нивните маркети во Македонија и регионот.

„Лидл“ е најголемиот европски синџир за малопродажба на храна, во моментов се застапени во 31 земјa, каде има околу 12.000 продавници и вработува повеќе од 360.000 луѓе, соопшти Министерството за економија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ