Како што се наведува во соопштението од кабинетот на претседателката, соговорниците изразија загриженост заради алармантниот пад на бројот на македонско малцинство, од речиси 26.000 во 2002-та година, на помалку од 15.000 во 2022-ра година, како и намалувањето на говорителите на македонскиот јазик, од повеќе од 14.000 на само 8.375, во истиот период.
Според претставниците на Советот, со сличен демографски проблем, се соочуваат и другите малцинства, како последица на: засилената емиграција, намалениот наталитет и демографското стареење.
Тие ја информираа претседателката за донесувањето на новата стратегија на Македонскиот национален совет 2026-2030, во којашто акцентот е ставен на образованието на македонски јазик и го поздравија донесувањето на владината стратегија за дијаспората 2026-2030.
За претседателката, преку учењето, говорот и творењето на мајчин македонски јазик, не се пренесува само знаењето, туку се развива чувството на национална припадност и самосвест.
Истовремено, претседателката Сиљановска-Давкова ја поздравила одлуката на покраинската влада на Војводина за издвојување средства за работата на Македонскиот национален совет.
Според претседателката, Македонците во Србија придонесуваат за добрите односи меѓу двете држави. Таа изразила поддршка на свечена академија по повод 80-годишнината од организираното доселување на Македонците во Република Србија, како и откривањето на скулптурата „Мајка Македонија“ од македонскиот реномиран вајар, Синиша Новески во Нови Сад.






