На средбата, како што соопшти собраниската прес-служба, Гаши ги поздравил присутните и го честитал Меѓународниот ден на Бошњаците, што значи потврда на јазикот, културата и идентитетот на бошњачката заедница. Истакнал дека иако процентуално бројот на Бошњаци е мал, нивниот придонес во економскиот, културниот и општествениот живот на Републикa Македонија е мошне значаен и учеството во сите државни процеси е од клучно значење за напредокот и развојот на државата, а истовремено и доказ и потврда за мултикултурното и мултиетничкото општество во кое живееме.
„Претставниците во текот на пријателската и неформална дискусија се заблагодарија за тоа што за прв пат се поканети и пречекани во Собранието на толку високо ниво, што е индикатор дека иако во овој состав нема пратеник Бошњак, претседателот покажува интерес за прашањата кои ги засегаат. Се осврнаа на неколку главни прашања, имено: образованието и усовршувањето на наставниците кои предаваат изборен или задолжителен предмет ‘босански јазик и култура’ во основните училишта“, се наведува во соопштението.
Во однос на политичката застапеност, како што се посочува во соопштението, ја повториле иницијативата за загарантирани пратенички места за помалите етнички заедници, како и потребата од внесување на геноцидот во Сребреница во наставните програми, со цел такви злодела на човештвото да не се повторат.






