недела, 8 јуни 2025

Средба Муцунски- Рубио: Стратешкото партнерство ќе продолжи да се развива со поголема динамика

Разговаравме и за можностите за натамошно продлабочување на трговските односи, постигнувајќи значаен исчекор во правец на намалување на тарифите и започнување процес за потпишување Договор за слободна трговија. Ова на својот фејсбук-профил го напиша македонскиот министер за надворешни работи Тимчо Муцунски по средбата со државниот секретар на САД Марко Рубио во Вашингтон.

Објавено на

часот

Сподели

„На средбата ја потврдивме извонредната соработка меѓу двете држави, заснована на заеднички вредности, политички интереси и долгогодишно пријателство. Притоа ја нагласив посветеноста на македонската влада кон унапредување на политичкиот дијалог со САД, како и конкретната заложба за институционализирање на стратешкото партнерство преку спроведување на заеднички aкциски план.
Разговаравме и за можностите за натамошно продлабочување на трговските односи, постигнувајќи значаен исчекор во правец на намалување на тарифите и започнување процес за потпишување договор за слободна трговија. Во оваа насока ја истакнав отвореноста на македонската влада за унапредување на економската соработка, привлекување американски инвестиции и зголемување на присуството на американски компании во нашата земја.
Разменивме мислења и за безбедносната соработка во рамки на НАТО, каде што продолжуваме да даваме активен придонес како кредибилен сојузник, со инвестиции над 2% од БДП во одбранбениот сектор. Особено внимание посветивме на регионалната стабилност и развојот на Западен Балкан.
Изразив благодарност за постојаната поддршка од страна на САД, со уверување дека стратешкото партнерство ќе продолжи да се развива со уште поголема динамика и конкретни резултати, на билатерално, регионално и глобално ниво“, напиша Муцунски.

Американскиот Стејт департмент денеска соопшти дека државниот секретар Марко Рубио на средбата со министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски ја нагласил потребата „сојузниците на НАТО да поддржат и да стигнат до пет проценти издвојување за одбраната“.

„На средбата беше нагласена силната врска меѓу Соединетите Американски Држави и Северна Македонија и беа истакнати заедничките интереси за регионалната стабилност, економската соработка и НАТО.  Тие ги разгледуваа можностите за проширување на економската соработка, вклучително и трговијата и инвестициите. Секретарот ја нагласи потребата сојузниците на НАТО да поддржат и да стигнат до пет проценти издвојување за одбраната“, се посочува во соопштението по средбата Рубио – Муцунски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ