четврток, 29 мај 2025

Средба Лафчиски и Хупис: Продолжување на меѓуармиската соработка на Македонија и Грција

Началникот на Генералштабот на Армијата генерал-мајор Сашко Лафчиски, кој е во посета на Меѓународниот саем за одбрана и вооружување DEFEA 2 што се одржува во Атина, попладнево оствари средба со началникот на Националната одбрана на Грција, Димитриос Хупис.

Објавено на

часот

Сподели

На средбата, како што попладнево соопшти Генералштабот на Армијата, било изразено уверување за продолжување на континуираната меѓуармиска соработка, особено во доменот на воената едукација, обука на специјалните сили, учество на вежби и меѓународни операции, како и за процесот на стандардизација во НАТО.

Генерал Лафчиски изразил благодарност за несебичната помош од страна на Грција, која ги понуди своите специјализирани капацитети за лицата на кои итно им беше потребен висококвалитетен медицински третман по пожарот што се случи во Кочани.

„Тоа претставува вистински одраз на солидарност и пријателство меѓу две соседски земји“, оценил генерал Лафчиски.

Претходно, во разговор за МИА, генерал Лафчиски оцени дека имаме плодна соработка со Грција и дека таа е наш голем поддржувач по многу основи.

Атина секои две години е домаќин на Меѓународниот саем за одбрана ДЕФЕА 2025, а оваа година учествуваат 436 изложувачи од 37 земји, 18 меѓународни павилјони од клучни глобални играчи, 98 официјални делегации од министерствата за одбрана и вооружените сили.

„Имаме плодна соработка со Грција и во таа насока ќе продолжиме, како во доменот на специјалните сили, така и во доменот на конвенционалните сили. Грција е наш голем поддржувач по многу основи“, вели началникот на Генералштабот на Армијата генерал-мајор Сашко Лафчиски во разговор со дописничката на МИА.

Ова е прво учество на генерал-мајор Лафчиски на Меѓународниот саем за одбрана и безбедност што се одржува секои две години, а за МИА посочува дека во Атина е на покана на началникот на Генералштабот на вооружените сили на Грција.

„Се работи за голем саем, од информациите што ги добивме во подготвителниот пакет, ќе се претстават 436 компании од 37 држави. Нашиот фокус ќе биде на она што е поврзано со развојот и модернизацијата на Армијата, пред сè приоритет ќе дадам на компаниите кои ќе изложат свои производи од доменот на конвенционалните сили, секако и од доменот на комуникациско-информатичките системи, така да очекувам дека ќе имаме плоден ден, денеска, но и утре за да можеме да се запознаеме со новините и во која насока се движат одбранбените капацитети“, истакнува началникот на ГШ на Армијата.

„Во текот на овој месец, по нашата средба на воениот комитет во Брисел, ќе учествуваме заедно и на конференцијата Б9 која е организација на началниците на Генералштабови од Југоисточна Европа. Имаме плодна соработка. Во тој контекст и во таа насока ќе биде понатаму и нашата соработка, ќе продолжи и во доменот на специјалните сили, ќе продолжи и во доменот на конвенционалните сили. Грција е наш голем поддржувач по многу основи и секако оваа соработка ќе продолжи и во иднина“, истакна Лафчиски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ