Како што се наведува во извештајот на ДЗР, давањето под закуп на деловниот простор се врши со електронско јавно наддавање.
„Со извршените анализи констатирано е дека кај два договори, цената постигната на јавно наддавање била само незначително повисока од почетно утврдената, кај пет договори цената останала непроменета во однос на почетната и кај 14 договори постигнатата цена е пониска од првично проценетата, со намалувања кои се движат од шест до дури 50 отсто. Овие договори се склучуваат на период од четири години, а по нивниот истек се продолжуваат со анекси, под исти услови и без ревидирање на цените според актуелните пазарни услови“, констатирале ревизорите.
Во ревизорскиот извештај е наведено дека спортскиот центар остварува приходи и од
продажба на добра и услуги во вкупен износ од 48.812 илјади денари и истите
претставуваа 74 отсто од вкупно остварените приходи од продажба во 2023 година.
„Овие приходи, во однос на 2022 година се намалени за три отсто, додека во однос на 2021 година се зголемени за 33 отсто. Во 2024 година, остварените приходи од продажба на добра и услуги изнесуваат 55.182 илјади денари и се за 13 отсто повисоки од приходите остварени во 2023 година“, се наведува во извештајот.
Резултатите од анализата покажуваат дека приходите од користење на пливачкиот
базен, лизгалиштето, малата сала, кугланата, конгресната сала и пинг-понг центарот во последните три години во континуитет бележат пораст кој продолжува и во 2024
година, додека Аква паркот има тренд на пад на остварените приходи, а во 2024
година не работи и не остварува приходи.
„Со ревизијата е опфатено и работењето на Аква паркот, при што утврдено е дека
во 2023 година, вкупниот остварен приход изнесувал 4.290 илјади денари,
што е за 41 отсто помалку од планираниот износ. Во 2024 година, Аква паркот е затворен поради економската неисплатливост, како и поради истечениот гарантен рок од 10 години на вградените реквизити, опрема и инсталации, период во кој изведувачите гарантираат за квалитетот на изведените работи“, констатирале ревизорите.
Дополнително, ревизорите укажуваат на неизвесност во однос на натамошното функционирање на вградениот „соларен систем“ кој се состои од соларни панели и топлински пумпи за загревање на пливачкиот базен. Друштвото за набавка на „соларниот систем‘‘ има исплатено 25.945 илјади денари, а согласно трговските книги на друштвото, неговата сегашна вредност е 2.856 илјади денари. Системот е ставен во употреба во 2014 година и функционирал со прекини заклучно до 2023 година, но
поради утврдени технички недостатоци на соларните панели системот не функционира и за нив не е најдено ново соодветно решение.
„Истовремено, во извештајот истакната е пропуштената можност на спортскиот центар Борис Трајковски за остварување приходи од стопанисување со паркингот, за кој друштвото има стекнато право на користење, но со години наназад не остварува приходи од издавање на паркингот“, пишува во извештајот на ДЗР.
Во рамки на претседавањето на Република Македонија со ОБСЕ во периодот
од 30 ноември до 1 декември 2023 година, друштвото по препорака на Владата му
овозможило на Министерството за надворешни работи (МНР) логистичка поддршка и асистенција за адаптација и надворешно уредување на друштвото за потребите на настанот, кое било извршено од страна на МНР. По претходно спроведени постапки за доделување на договори за јавни набавки МНР склучило неколку договори со вкупна вредност од 124.234 илјади денари.
„Со ревизијата утврдено е дека не се доставени записници од МНР за потврдување на
изведените работи и инсталирани добра и ствари кои останале во владение на
друштвото. Исто така, не е постапено по одредбите од склучениот договор за
соработка помеѓу двете институции, односно изведените работи и инсталирани
(вградени) добра и ствари во друштвото, сѐ уште не се ставени во негово владение“, се наведува во извештајот.
Во извештајот ревизорите го обелоденуваат начинот на кој во 2011 година била
изградена и опремена спортската сала Борис Трајковски, преку задолжување од Град
Скопје за износ од 260.491 илјади денари.
„Долгот кон Град Скопје требал да се отплаќа во три еднакви месечни рати, почнувајќи од 2011 година. Поради неповолната финансиска состојба на друштвото, враќањето на долгот е пролонгирано за осум години и започнало дури во 2019 година, при што последната рата е исплатена во 2023 година. Имајќи предвид дека друштвото во континуитет од 2019 до 2022 година работело со загуба и неговата ликвидност била нарушена, сите средства за отплатата на долгот се обезбедени од Буџетот на државата за што била зголемена основната главнина на друштвото во корист на државата“, пишува во извештајот на ДЗР.
Со извршената ревизија констатирани се и други состојби, како и слабости во
работењето со готовината, начинот на евидентирање на залихите на суровини и
материјали, нецелосно извршен попис, непропишани прецизни надлежностите за
надзорниот одбор, слабости во актот за систематизација и актите со кој се уредува
начинот на пресметка на платите и други неправилности и неусогласености.
„Наведените состојби, неправилности и неусогласености од различна природа влијаат
на изразување на мислење со резерва за реалноста и објективноста на финансиските
извештаи за 2023 година и неповолно мислење за усогласеноста со законската
регулатива, упатства и воспоставени политики. За надминување на констатираните состојби дадени се препораки со цел преземање на мерки и активности од надлежните лица и органи во функција на подобрување на состојбите“, пишува во извештајот на ДЗР за работата на спортскиот центар на Борис Трајковски за 2023 година.






