недела, 15 март 2026

Споменикот на културата – Турскиот амам во Прилеп е во опасност за себе и за минувачите

Споменикот на културата, турскиот амам, или познатата прилепска градска бања стана опасност за пешаците, но е и во критична состојба. По дојава од граѓаните, прилепскиот Завод и музеј ја огради пешачката зона пред aмамот, зашто секој момент делови од овој споменик на културата може да отпаднат. Стручен тим направи увид и ја потврди опасноста. 

Објавено на

часот

Сподели

Музејот изготви извештај за состојбата со Турскиот амам и го достави до Управата за заштита на културното наследство, а и до сопственикот на објектот.

„Од направениот увид на самото место, стручниот тим констатира  дека постои опасност од опаѓање на делови од ѕидот од печени тули од крајниот дел, од неговата северна страна, на спојот со новоизградениот објект до него – спортска обложувалница, што претставуваше дирактна закана за минувачите во пешачката зона. Поставивме ограничување на просторот и поставивме знаци за опасност од паѓање каде се движат пешаците“, вели Мимоза Хртистоска, директорка на Завод и музеј – Прилеп

Во 1955 година Турскиот амам е регистриран како споменик на културата од Централниот завод за заштита на културните споменици и природни реткости во Македонија и потоа е изготвено решение за утврдување својство на споменик на културата од 1989 година. Ги има сите статуси на заштитено културно добро.

„Во секој случај, мора што побрзо да се преземат заштитни мерки на самиот објект, за конзервација и реставрација, зашто објектот е во критична состојба“, вели Христоска.

Со денационализацијата, во почетокот на овој век, амамот е вратен на поранешните сопственици, а од 2009 година, објектот на преку 400 метри квадратни во Старата прилепска чаршија има нов сопственик, според кој уште од 2013 година се обидува да го спроведе проектот „Реставрација, ревитализација и реконструкција на Турски амам – Прилеп“.

„Сѐ ќе остане како што си е, но оживеано во нова архитектура. Прв поднесок на проектот имав во 2013 година. Потоа следуваше мала измена со доградба во 2017 година, повторно аплициравме 2020. Во системот проектот беше една година. Дојдовме до уплата на комуналии – надоместок за градежно земјиште, но проектот не помина зашто општината една година не ни даде пресметка за уредување на градежно земјиште. Проектот сето време е заглавен во институциите. Се обидуваме да го решиме тоа по четврти пат, вели сопственикот на споменикот на културата- Турски амам“, Антонио Момироски.

Амамот потекнува од втората половина на 19 век. Користен е како градска бања до крајот на 70-тите години од минатиот век. Сега е споменик на културата во опасност.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ