Во присуство на заинтересирани граѓани, службите од Одделението за урбанизам соопштија дека посочената локација е плански соодветна за реализација на барањето од Здружението на граѓани „16 март 2025 – Кочани“.
Со цел да се опфати мислењето на пошироката јавност, претходно, во периодот од 2 до 11 јануари беше активна анкета на оваа тема, којашто содржеше две прашања: Дали се согласувате со иницијативата на Здружението на граѓани „16 март 2025 – Кочани“, локацијата Стар парк да биде определена за место каде ќе се подигне спомен-обележје на загинатите во „Пулс“, а второто прашање, всушност, претставуваше опис на мислењето во врска со иницијативата.
На анкета со помош на дигиталната алатка мЗаедница, на првото прашање одговориле: 260 граѓани, од кои 82 отсто се согласуваат со предлогот за определување локација за спомен-обележје, а 18 проценти се против. На второто прашање одговориле вкупно: 132 граѓани, од кои 63 отсто ја образложиле согласноста, 19 проценти не дале образложение, 0,05 отсто се изјасниле повторно дека не се согласуваат, додека останатите не дале јасни образложенија.
Јавната трибина беше искористена и за директно анкетирање на учесниците, коишто можеа да пополнат анкетен лист со истите прашања. Од 53 учесници во анкетата, сите одговориле дека се согласуваат со предложената локација.
По објаснувањето на идејата и значењето на спомен-обележјето „Патека на бесконечноста“ од Александар Наунов, претседател на Здружението, граѓаните имаа можност на јавната трибина да ги искажат своите мислења, да прашуваат и да предлагаат, а градоначалникот Владко Грозданов одговараше на нивните прашања и ја образложи неопходноста од трибината како форма за непосредно учество на граѓаните во донесувањето одлуки и можност за отворено сопоставување на различните мислења.
Претседателот на Советот на Општина Кочани, Александар Андов и присутните членови, претставници од советнички групи отворено ја изразија подготвеноста на следната седница да ја прифатат поднесената иницијатива на Здружението „16 март“, а градоначалникот Грозданов најави итни административни постапки со цел спомен-обележјето да биде завршено до годишнината од смртта на младите во пожарот во „Пулс“.






