„Повторно ќе потсетиме на претчувството од длабоките национални изместувања што ќе ги донесе враќањето на власт на СДС со ДУИ, проценката за нужноста од изработка на сеопфатната платформа за заштита на македонските национални и државни интереси, пишан документ кој на политичките партии им го понуди Социјалистичката партија на Македонија во февруари 2017 година. Особено потсетуваме на неразумното игнорирање и примитивното отфрлање од страна на СДС.
Ќе потсетиме и на Резолуцијата за заштита на националните интереси од 2021 година акламативно усвоена во македонското Собрание и од самите пратеници на СДС.
Што е тоа што дополнително би го предложиле од СДС што не е вградено во споменатите документи?
Уште позначајно е прашањето од каде СДС го црпи правото воопшто да отвара теми за кои го покажа својот апатридно анационален лик и недостатокот од основни чувства за припадност што веќе претставува траен белег за оваа политичка партија подеднакво на изјавата дека не им прилега манифестацијата на патриотски чувства.
Грижата за националните и државните интереси е грижа на македонскиот народ и граѓани, тоа веќе не претставува обврска на партијата која повеќе пати го има предадено сопствениот народ и држава.
Впрочем и самиот предлог повторно не го исклучува менувањето на Уставот, а со оставената можност за прекинување на ЕУ интегративниот процес, доколку се случи нова блокада што е сосема извесно и јасно наведено во Анексот 1 и 2, го прави понудениот документ несериозен, неодговорен и контаминиран со лицемерие.
Затоа што и со оваа понуда на СДС повторно, чекор по чекор, се остварува великобугарската агенда на сметка на нашата заблуда во надежите за извесност на евроинтегративниот процес.
Социјалистичката партија на Македонија со чувство на одговорност и партија која во изминатиот период најдиректно ја почувствувала дволичноста на добрите намери на СДС предупредува на новата стапица која се поставува на македонскиот народ и со индигнација го отфрла предлогот за било каков заеднички документ, особено не со СДС и особено не на тема поврзана со заштита на македонските национални и државни интереси“, соопшти СП.






