петок, 8 август 2025

СПМ: Европскиот парламент и Европската комисија јавно и јасно покажаа дека не ги почитуваат народот и државата Македонија

Социјалистичката партија на Македонија го оценува извештајот на Европскиот парламент го оценува како индиферентност кон македонскиот идентитет, јазик, нација, култура и историја. Иако тие се реалност и никој не може да ги спори, европските парламентарци наводно се држеа кон суштината на извештајот со отфрлање на карактеристиките на македонската посебност, се наведува во реакцијата на СПМ за вчерашното гласање во Европскиот парламент за извештајот за реформскиот напредок на Македонија.

Објавено на

часот

Сподели

Според СПМ, општото мислење во домашната јавност е дека Европскиот парламент како и Европската комисија јавно и јасно покажаа дека не ги почитуваат народот и државата Македонија.

„После 20 години чекање и лажни ветувања за секакви отстапки тие подлегнаа или ги прифатија фашизоидните и империјални намери на Бугарија за уништување на македонската држава и нација. Социјалистичката партија на Македонија повторно потсетува на бугарската доктрина изгласана од тамошниот парламент, во која јасно се дефинираат агендата и планот за уништување на македонската нација и идентитет, односно на продолжување на санстефанската големобугарска агресивна политика и експанзионизам.

Па оттаму Социјалистичката партија на Македонија укажува на непромисленоста и неукоста на европските авторитети, затоа што преку поддршката на бугарските интереси во суштина поддржуваат трета и многу поголема и кон нив спротивставена империјална политика, која како продолжена рака ги има бугарските регионални експанзионистички ставови“, се вели во соопштението на СПМ.

Социјалистичката партија на Македонија повикува на мобилизација на сите ресурси во државата за да се спречат намерите на Бугарија и на нејзините поддржувачи.

„Тоа мора да биде запрено и само со јасна позиција државата може да се избори и да го сочува својот суверенитет и независност. Со ваквите позиции, европските институции и Бугарија ја принудуваат Македонија да го проблематизира Договорот за добрососедство и да ги преиспита срамните протоколи со кои се предава и се подредува државата под владение на Бугарија, за која отворено може да се каже дека, наместо добрососедски, има очигледен непријателски однос кон Македонија. Прашање е колку овие документи остануваат правно валидни по нивното реално прекршување во праксата од страна на Бугарија“, проценуваат во СПМ.

Затоа, сметаат во Социјалистичката партија, Македонија мора да се насочи кон сопствениот раст и развој и кон поддршката од стратешките партнери за да остане самостојна и независна од какви било уцени и притисоци.

„Стратешката цел на Македонија и понатаму е полноправното членство во ЕУ, но во овие услови македонската политика и македонските граѓани треба да се стремат кон внатрешно усвојување и примена на европските вредности, воспоставување на независен судско-обвинителски систем, унапредување на демократските капацитети и економски развој, исклучиво во интерес на македонската држава и македонскиот народ и сите граѓани.

Македонија и македонскиот народ мораат конечно да се раководат исклучиво од сопствените државни и национални интереси“, порачуваат од Социјалистичката партија н Македонија.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ