четврток, 10 април 2025

Спахиу: Македонската заедница во Албанија е пример за истрајност кон своите корени

Вршителот на должноста амбасадор во македонската амбасада во Тирана, Албанија, Љуфтим Спахиу, кому вчера му беше врачена благодарница од македонското друштво Илинден искажа голема благодарност за укажаната чест и доверба.

Објавено на

часот

Сподели

„Голема чест е да бидеш избран од нашинците. Им благодарам од срце за признанието и за укажаната доверба. Во овие три години со Македонците во Албанија соработувавме во многу успешни проекти и активности. Заедно ги делевме успесите и разочарувањата, но никогаш не престанавме да веруваме во подобро утре“, рече Спахиу за МИА.

Затоа, додаде Спахиу, оваа благодарница му значи многу и истата ја споделува со сите нив.

„Оваа благодарница е доказ дека нашата соработка нема никогаш да прекине, а би сакал да биде, поттик за идните колегите кои ќе бидат дел од оваа Амбасада за да внесат нова енергија во соработка со нашинците затоа што тоа е единствениот пат за зачувување на културата, јазикот и традицијата“, нагласи Спахиу.

Порачува дека македонската заедница во Албанија тоа го заслужува и е „пример за посветеност, истрајност и љубов кон своите корени“.

Благодарницата, во просториите на македонската амбасада во Тирана, му ја врачи претседателот на друштвото, Никола Ѓурѓај, за неговиот „особен придонес и заслуги за друштвото Илинден“ и македонското национално малцинство.

На врачувањето на признанието присуствуваше Радмила Стојмировска, прв секретар во македонската амбасада во Тирана и Ендрит Фетаху, потпретседател на Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ).

Македонското друштво Илинден – Тирана чија главна мисија е заштита и афирмација на македонскиот етнички, јазичен, културен, верски, историски идентитет во Република Албанија, на 6 февруари годинава одбележа 16 години од формирањето, денот кога е регистрирано и во Основниот суд во Тирана.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ