среда, 11 февруари 2026

Советот на ЈО на 17 февруари дава мислење за кандидатите за нов државен јавен обвинител

Советот на јавни обвинители за следната недела ја закажа седницата за давање мислење за пријавените кандидати на огласот за именување на нов јавен обвинител на Република Македонија.

Објавено на

часот

Сподели

На дневен ред на 38-та седница на Советот на јавни обвинители, закажана за вторник – 17 февруари 2026 година, е само една точка – давање мислење на Владата на РМ по предлог за именување на Јавен обвинител на РМ.

Советот на ЈО, согласно законските рокови, треба во рок од 15 дена да даде позитивно или негативно мислење до Владата, по што Владата до Собранието предлага еден од кандидатите што добил позитивно мислење.

Владата на седницата на 3 февруари донесе заклучок во однос на петте кандидати за јавен обвинител и во согласност со законските одредби, ги достави до Советот на јавните обвинители, откако Собранието, претходно ја информирало Владата за завршување на огласот за јавен обвинител и ја доставило листата со кандидати.

Од собраниската прес-служба не ги откриваа имињата на кандидатите, но како што некои од пријавените и сами потврдија, станува збор за сегашната в.д. државна јавна обвинителка Анита Тополова-Исајловска, обвинителката Ленче Ристовска, судијата од Кривичниот суд, Ненад Савевски, поранешниот претседател на Кривичниот суд, Владимир Панчeвски, и обвинителката од ОЈО Скопје, Лидија Раичевиќ.

Еден од петмината пријавени би требало да го наследи Љупчо Коцевски, кој поднесе неотповиклива оставка во декември лани, а на негово место како в.д. државен јавен обвинител дојде обвинителката Тополова-Исајловска, која беше единствен кандидат, но не може да биде на позицијата подолго од шест месеци.

Постапката за избор на нов државен јавен обвинител почна со огласот што го распиша Собранието на 12 јануари годинава, со рок за пријавување од 15 дена од денот на објавувањето во Службен весник. Кандидатите мора да имаат непрекинат работен стаж од најмалку 10 години како јавни обвинители или судии од областа на кривичното право.

Според Законот за Јавното обвинителство, добиените кандидатури се препраќаат до Владата. По пријавувањето, Владата бара мислење од Советот на јавните обвинители за сите кандидати. Советот е должен да достави образложени мислења во рок од 15 дена. Доколку Советот не даде позитивно мислење за ниеден од пријавените кандидати, Владата не може да утврди предлог и му предлага на Собранието распишување нов оглас. Со 61 глас од пратениците ќе треба да биде избран новиот државен јавен обвинител.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ