Независниот член на Советот на Град Скопје и ексзаменик градоначалник на Скопје, Александар Трајановски, за МИА потврди дека досега не е закажана итна седница на Советот за проблемот.
„Засега нема повикано седница, ниту од страна на град Скопје, ниту од советниците. Дополнителна осакатеност е тоа што Советот, по преминувањето на Трајко Славески нема претседател на Совет и секоја седница индивидуално се назначува претседател на совет. Засега седница нема закажно, особено не за точката за која ме прашувате“, изјави Трајановски за МИА.
Според извори од ЈСП, најава за прекин на движењето на автобусите на ЈСП заега нема, посочувајќи дека вчера попладне пристигнале околу 20 тони нафта, по десет во двете автобази кои, како што велат се доволни за вчерашниот и денешниот ден.
Град Скопје во соопштение од медиумите вчера реагираше дека „Пуцко петрол“ ја прекинал испораката на нафта, иако како што велат има активен договор со ЈСП.
„Под силен политички притисок уценетиот Асмир Јахоски од Пуцко петрол се приклучува на обидите за креирање хаос во Скопје. Иако има активен договор со ЈСП за испорака на нафта, Асмир Јахоски од Пуцко петрол, соочен со обвиненија затворска казна и подложен на уцени иако има активен договор за испорака на нафта ја прекина доставата“, се вели во соопштението од Град Скопје.
Од Град Скопје, меѓу другото, најавуваат дека за Асмир Јахоски и Пуцко петрол ќе се покрене соодветна постапка за материјална и кривична одговорност, кои произлегуваат како последица од непочитување на договорот за снабдување на ЈСП со нафта со што имаат цел автобусите на ЈСП да престанат да сообраќаат.






