Членовите на Советот ги разгледале резултатите од своето работење по поднесувањето на годишниот извештај од досегашниот претседател, амбасадорот Ѓорѓи Филипов, кому му била изразена благодарност за неговата посветеност и ангажман во изминатиот двегодишен мандат. Собранието оценило дека Советот на амбасадори продолжува со активна и влијателна улога во надворешната политика, придонесувајќи значајно во јавниот дискурс и во развојот на стратешките дебати поврзани со меѓународната позиција на земјата.
„Моделот на функционирање на советот и постигнатите резултати ја потврдуваат неговата посветеност на стратешките државни интереси, без разлика на политичките или етничките разлики меѓу членовите – принцип кој може да служи како позитивен пример за слични организации во земјата и регионот“, истакнува Советот на амбасадори.
Новата претседателка на Советот на амбасадори, Наќева Ружин е експерт по јавни и корпоративни финансии и поранешна амбасадорка со над 25-години истакната кариера во Министерството за финансии, дипломатијата, академијата, меѓународните финансиски институции и корпоративниот финансиски сектор. Покрај амбасадорка во Кралството Шведска, извршувала клучни извршни и советодавни функции во земјата, меѓу кои: државен и специјален советник во Министерството за финансии и во Град Скопје, генерален директор и финансиски директор на финансиска институција национален координатор на Платформата за учење од далечина и координатор на пензиската реформа, а работела и како консултант на Европската комисија, Светската банка, Шведскиот институт и Меѓународната телекомуникациска унија. Имала водечка улога во преговарачкиот скрининг процес со ЕУ во економските области, вклучително поглавјето оданочување и областите управување со јавните финансии и економски критериуми. Била претседател на Европската бизнис асоцијација и член на управните одбори на Стопанската комора на Македонија, претседателството на Постојаниот суд за арбитража, Советот на странски инвеститори, Фондот за осигурување на депозити и Националното биро за осигурување. До изборот за претседател, ја извршуваше функцијата генерален секретар на Советот на амбасадори.
Наќева Ружин е доктор по економски науки и магистер по јавни политики и менаџмент (Summa Cum Laude) од Универзитетот во Питсбург, САД. Предавала јавни финансии и индустриска организација на Универзитетот Американ колеџ-Скопје, а била и гостин предавач на Универзитетот во Лидс, Стокхолмската бизнис школа, Универзитетот во Питсбург и Економскиот факултет во Скопје. Автор е на повеќе трудови во областа на фискалната политика, децентрализацијата и дигиталното образование, и е добитничка на повеќе признанија во Македонија и странство, вклучително и меѓународната награда на Универзитетот во Питсбург за 2016 година.






